Од пластичен отпад развиваме иновативен производ – рециклиран филамент за 3Д принтање!

- Advertisement -


Неодамна Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ отвори Хаб за собирање и селекција на пластичен отпад лоциран во “Нетавил“ во непосредна близина на кампусот на технички факултети во Скопје. Оваа активност е дел од проектот „Рециклиран филамент за 3Д принтање“ преку програмата „Екосистем за еко-иновации и циркуларна економија на Западен Балкан“ (EICEE – Western Balkan Eco-Innovation and Circular Economy Ecosystem) – проект кофинансирана од Европската Унија и Владата на Црна Гора.

Во овој Хаб се собира пластичен пластика со која тимот од истражувачи предводени од проф. д-р Игор Јорданов од Технолошко-металуршкиот Факултет ќе развиваат и прототипираат рециклиран филамент за 3Д принтање – иновација во светот на циркуларната економија и индустријата за 3Д принтање!
Ова беше поводот да разговараме со проф. д-р Игор Јорданов, координатор на проектот „Рециклиран филамент за 3Д принтање (R-3DFil)“

- Advertisement -

Новинар – Верица Јорданова

Кој беше мотивот за неодамнешното отворање на Хаб за селекција и собирање на пластичен отпад во Скопје?

Јорданов: Главниот мотив беше создавање локален еко-систем кој што овозможува собирање, селекција и понатамошна преработка на пластичен отпад со цел негова трансформација во корисен производ – филамент за 3Д принтање. Сакавме да обезбедиме достапна локација, во близина на техничките факултети, каде што граѓаните, студентите и институциите можат селектирано да го одложуваат својот отпад, но и да се информираат за важноста на рециклирањето и моделот на циркуларната економија. Нетавил беше логичен избор поради близината до ТМФ и лабораторијата Inno Fab Lab во која се добиваат рециклираните филаменти за 3Д принтање.
Освен собирните места, овде имаме поставено и монитор на кој постојано се презентираат информации за типовите пластика кои се користат во секојдневието и за процесот на рециклирање. Сметаме дека информирањето на јавноста за важноста од рециклирање на отпадот кој секојдневно го создаваме е од голема важност. 

- Advertisement -
Хаб за селекција на пластичен отпад во Нетавил, Скопје

Што правите со собраниот пластичен отпад? Може ли да ни кажете нешто повеќе за тимот кој што работи на овој иновативен проект?

Јорданов:
Отпадот го селектираме според типот на пластика – фокусирани сме на четири вида пластика, која е најзастапена во секојдневието. Потоа, селектираниот отпад се меле, се пелетизира, а од пелетите се добива филамент за 3Д принтање. Цел овој процес се изведува во лабораториски услови во лабораторијата Inno Fab Lab на Технолошко-металуршкиот факултет. Тимот што работи на проектот е составен од инженери, истражувачи и млади ентузијасти од Технолошко-металуршкиот факултет, како што се Ана Марија Цановска и Мила Ќурчинска, а имаме и значајна поддршка од Пакомак, најголемиот собирач на пластичен отпад во Македонија. Ова е мултидисциплинарен тим со заедничка визија – трансформирање на пластичен отпад во иновација која се добива според принципите на upcycling.

Која е целта која сакате да ја постигнете?

Јорданов:
Целта ни е да создадеме функционален, еколошки и економски одржлив филамент за 3Д принтање кој ќе биде функционална замена за комерцијалните филаменти од нерециклирана пластика. Паралелно, сакаме да поттикнеме култура на одговорно постапување со отпадот, да покажеме дека научно-истражувачката работа може да има директна еколошка и економска вредност и да ја промовираме нашата земја како регионален иновативен хаб за зелени технологии.

- Advertisement -

Целта на проектот е да се изработат четири вида на рециклирани филаменти за 3Д принтирање, користејќи пластичен отпад од пакувања (HDPE, PLA, PET и PP). Карактеристиките на изработените филаменти ќе бидат тестирани со 3Д принтерите во Inno Fab Lab — лабораторијата за прототипирање лоцирана на ТМФ-Скопје — со што ќе се овозможи валоризација на отпадната пластика и намалување на негативното влијание врз животната средина.

Исто така, сакам да потенцирам дека, освен во Inno Fab Lab, прототипираните рециклирани филаменти ќе бидат тестирани и од други субјекти кои користат 3Д принтери, со цел да добиеме релевантен повратен одговор за нивните технички карактеристики.

 Што се знае за рециклирањето на пластиката во нашата земја и кој е потенцијалот за развој на рециклиран филамент за 3Д принтање?

Јорданов:
Рециклирањето сè уште е на ниско ниво, особено кога станува збор за висококвалитетна преработка на отпад во нов производ со додадена вредност. Потенцијалот е голем – имаме отпад, имаме знаење и капацитети, а сè повеќе компании се интересираат за одржливи материјали. Филаментите за 3Д принтање се производ со растечки пазар, не само во образованието, туку и во индустријата. Тоа ја прави оваа иницијатива особено значајна и навремена.

Зошто решивте да барате технолошко решение токму за овој производ – филамент за 3Д принтање?

Јорданов: 3Д технологиите се веќе дел од иднината на производството. Примената на 3Д принтање се шири и во медицината, архитектурата, машинството, па дури и во модниот дизајн. Нашата замисла беше да обезбедиме локално произведен филамент кој не само што е евтин, туку и одржлив и безбеден. Исто така, ова претставува можност за едукација, развој на домашна индустрија и за поддршка на зелената транзиција во технолошкиот сектор.

Развојот на истражувања и иницијативи како R-3DFil e од клучно значење за совладување на предизвиците со пластичниот отпад и за поттикнување на иновации, претприемништво и циркуларната економија.

Денес, живееме сред 4.0 индустриска револуција, каде што дигитализацијата, автоматизацијата, роботизацијата, 3D-принтањето, 3D-скенирањето и циркуларните модели стануваат норма. Ваквите процеси не само што создаваат нови можности за вработување на младите, туку и претставуваат главна потпора за покренување стартапи основани од нив.

3D-принтањето станува сѐ популарно поради своите револуционерни карактеристики — тоа овозможува економично производство со минимален отпад, изработка на персонализирани продукти и голема флексибилност. Вредноста на пазарот за 3D-принтање достигна 16,75 милијарди американски долари во 2022 година, со проектиран годишен пораст од 23,5% до 2030 година, поттикнат особено од секторите на здравство, автомобилство и аеронаутика.

Во исто време, пластичниот отпад претставува сериозно оптоварување за животната средина. Во ЕУ, помалку од една третина од собраниот пластичен отпад завршува на рециклажа, а воспоставувањето на поинтегрирани системи за управување со отпадот сѐ уште претставува голем предизвик. Во нашата земја ситуацијата со рециклирањето на пластичниот отпад е особено загрижувачка — помалку од 1% од вкупно собраниот отпад завршува на рециклажа. Од друга страна, цените на пластичниот филамент за 3D-принтање, кои изнесуваат помеѓу 25 и 30 евра по килограм, ги прават овие материјали скапи и тешко достапни.

Поради ова, проектот R-3DFil на Ino Teh Klub (ITK) покренува иницијатива за upcycling — претворање на пластичниот отпад во рециклирани филаменти за 3D-принтање. Вака, не само што се намалува количеството отпад, туку и се создаваат нови можности за производство на иновативни продукти со висока додадена вредност, поттикнувајќи ја циркуларната економија, зелениот развој и воспоставувајќи нови модели на претприемништво за младите.

Што понатаму, кои се следни чекори во проектот?

Јорданов:
Во наредната фаза ќе ги финализираме прототипите на филаментите и ќе спроведеме серија на тестирања за да ги евалуираме механичките и термичките својства. Потоа ќе следи демонстрација на апликација – соработка со локални фаблабори, училишта и стартапи кои користат 3Д принтери. Сакаме да создадеме и едукативен модул за ученици и студенти. Работиме и на воспоставување на микро-систем за континуирана преработка на отпад.


Кои ви се очекувањата?

Јорданов:
Очекуваме поддршка од пошироката заедница – граѓани, институции, бизниси. Очекуваме и интерес од образовните установи и иноватори кои сакаат да работат со еколошки материјали. Најважно, очекуваме да испратиме јасна порака дека и во Македонија можеме да произведеме иновативни и корисни решенија кои се одржливи, паметни и пред сè – зелени.

Сподели!
- Advertisement -