Граѓанската организација која стои зад Центарот за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ годинава го одбележува својот голем јубилеј – две децении постоење. Отворете ги прозорците е единствената организација во земјата и во Западен Балкан целосно посветена на промовирање на асистивната технологија и дигиталната инклузија.
Во изминатиот период, организацијата работи на инклузија и напредок на децата со различен вид на попреченост како телесна попреченост, оштетен вид, слух, интелектуална попреченост, аутизам, комбинирани потешкотии и потешкотии во учењето и на поддршка на нивните семејства. Во изминативе 20 години, над 900 деца добиле услуги во Центарот.
По повод јубилејот, разговараме со директорката на организацијата, Маргарита Гулевска, која стои зад визијата, тимот и секојдневната борба за квалитетни, бесплатни услуги за децата со попреченост. Таа вели дека организацијата ја започна и кампањата „1000 компании донираат по 100 евра“, со цел да го одбележат сето што е постигнато досега, но и да обезбедат иднина.
Новинар – Сања Наумовска
Оваа година славите 20 години од основањето. Како изгледаше почетокот пред две децении и што всушност тогаш ве мотивираше да ја создадете оваа организација?
Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ е основано во 2005 година од двајца експерти од сосема различни области – од специјалниот едукатор Лидија Крстевска Дојчиновска и ИТ специјалистот Тони Бачваровски. Иако од различни професии, тие работеа заедно во една меѓународна хуманитарна организација и токму таму, при посета на Центар за асистивна технологија во Лион, Франција, им се роди инспирација – и двајцата ја имале истата мисла – „а зошто да немаме вакво нешто и во Скопје?“
Со поддршка од нивниот тогашен работодавец, Handicap International, започна една приказна што и самите не можеа целосно да предвидат како ќе тече.
Јас лично се приклучив кон тимот една година по основањето. Темата тогаш беше речиси непозната за нашето опкружување. Инклузијата беше сè уште на самиот почеток, а зборовите „асистивна технологија“ звучеа странски и далечни.
Сепак, ние верувавме – и веруваме и денес – дека технологијата може да го смени текот на еден човечки живот. Борбата да го докажеме тоа, преку реални примери, низ многу отпор, скепса и предизвици, само нѐ мотивираше повеќе. Сето тоа ни даваше поттик да продолжиме да создаваме, да учиме, и пред сè – да бидеме таму каде што сме најпотребни.

Како се развиваше Центарот за асистивна технологија во текот на годините? Што беше најголемиот предизвик, а што најголемата победа?
Центарот за асистивна технологија, од самиот почеток, беше замислен како простор каде што децата со попреченост и нивните семејства ќе добијат пристап до технологии кои ќе им го променат секојдневието. За среќа, уште во првите години од нашето постоење, брзо најдовме сојузници – неколку донатори препознаа вредност во она што го правиме и со нивна поддршка Центарот започна да функционира успешно. Најголемиот предизвик со години наназад е токму финансирањето. Да обезбедиме доволно ресурси за да ги задржиме стандардите, експертизата и пристапноста на услугите за сите – бесплатно. Тоа е постојана борба.
А најголемата победа? Без двоумење – децата. Кога ќе се навратиме назад, највредното нешто е што денес гледаме изградени млади луѓе кои доаѓале кај нас кога имале само 5 години. Тие сега се ученици, студенти, млади професионалци, а ние сме имале чест да бидеме дел од нивниот пат, да придонесеме во тоа тие да ја добијат поддршката што им била потребна – навреме и со големо трпение и љубов.
Во изминативе 20 години, над 900 деца добиле услуги во Центарот. Што значат овие услуги за едно дете и неговото семејство? Можете ли да споделите некој пример кој ве потсетува зошто оваа работа е толку важна?
Бројката од над 900 деца говори сама за себе – тоа се стотици различни приказни, ситуации, потреби, проткаени со успеси. И секој од тие примери е потврда дека вреди да постоиме и да продолжиме.
Во изминативе години изградивме навистина импресивни приказни за деца кои го заменија моливот со тастатура, и преку компјутерите што ги користеа кај нас – за првпат се изразија, комуницираа со своите наставници и другарчиња, ги искажаа своите мисли, желби и знаење.
Особено сме горди на локализацијата на комуникаторот, преку проект поддржан од УНИЦЕФ и сега децата кои немаат развиен говор добиваат алатка преку која за првпат можат да се изразат. Еден од најновите примери ни е деветгодишно дете кое следи модифицирана програма во училиште – програма наменета за деца со најкомплексни потреби. Со само едно доаѓање во Центарот, преку комуникаторот, тоа дете ни отвори цел еден нов свет. Почна да комуницира преку слики и за кратко време воспостави контакт со околината. Сега, моите колешки активно работат на негово описменување – нешто што никој не го очекувал.
Тоа што услугите се бесплатни, иако навистина чинат многу, родителите го прифаќаат многу емотивно. Гледаме како им се симнува барем еден дел од товарот што секојдневно го носат. Тоа ни е и идејата – поддршката да биде достапна, квалитетна и бесплатна.
А најголемата награда за нас е кога ќе ги испратиме од Центарот со насмевка и со чувство на успех. Тоа ни покажува дека сме на вистинскиот пат. Тие ни даваат сила секој ден да се трудиме повеќе, да обезбедиме подобри услови и поддршка за секое дете што доаѓа кај нас.
Услугите што ги нудите се целосно бесплатни. Како успевате да обезбедите бесплатна поддршка на корисниците и што ви е најголемата потреба сега?
Фактот дека сите наши услуги се целосно бесплатни не е случаен избор – тоа е дел од нашата основна мисија. Веруваме дека секое дете, без оглед на економската состојба на семејството, заслужува поддршка, пристап до технологија и можност за напредок.
Со текот на времето, научивме дека традиционалното донаторско финансирање – кое најчесто е насочено кон краткорочни и иновативни проекти – не е доволно за да обезбеди стабилност. Затоа започнавме да градиме долгорочни партнерства со општествено одговорни компании, кои препознаваат вредност во континуирана, реална поддршка.
Иако работиме и на поголеми проекти, реалноста е дека граѓанскиот сектор се соочува со големи финансиски ограничувања. Донаторите се повлекуваат, а потребите растат. Денес, нашата најголема потреба е токму тоа – да обезбедиме стабилен извор на финансирање што ќе ни овозможи континуитет во постоењето на Центарот и во сигурноста што им ја даваме на семејствата.
Што ги прави вашите услуги посебни? Каков е вашиот пристап кон децата и семејствата?
Најважното нешто што нѐ издвојува е тоа што работиме исклучиво со асистивна технологија – единствени сме во земјава што се посветени само на оваа област. Понатаму, нашата сила лежи и во индивидуалниот пристап и безусловната почит кон секое дете и неговото семејство. Во оваа работа нема шаблони – секое дете е нов свет, со сопствени потреби, интереси и потенцијал.
Работиме тимски – специјални едукатори, логопед, вклучуваме ИТ стручњаци – и секогаш во блиска соработка со родителите и сите други професионалци што се вклучени во животот на детето. Веруваме дека само така може да се постигне напредок. Ние не само што нудиме услуги – градиме односи, доверба и поддршка што останува и по завршувањето на конкретната работа.
Тоа што децата се чувствуваат безбедно, слободно и прифатено кај нас – е можеби нашето најголемо постигнување. Без таа емоционална сигурност, нема развој. Истовремено, многу внимание посветуваме и на нашиот стручен тим. Вработуваме професионалци во кои инвестираме – преку обуки и им нудиме простор за раст.

Го започнавте фандрејзинг предизвикот „1000 компании донираат по 100 евра“. Зошто се одлучивте за ваков пристап и што би сакале да им порачате на компаниите и поединците што размислуваат дали да донираат?
Се одлучивме за овој пристап затоа што веруваме во моќта на заедништвото. 100 евра за компаниите не се огромна сума, но кога ќе се здружат 1000 такви донации – добиваме силна основа за иднината на Центарот. Оваа кампања е покана за солидарност, не само финансиска, туку и вредносна – порака дека инклузијата и поддршката за децата со попреченост не се должност само на семејствата или институциите, туку на сите нас како општество.
Ова е особено важно сега, затоа што 2025 е тешка година од повеќе аспекти. Затоа моравме да бидеме креативни и храбри. Го осмисливме овој пристап како начин на кој ќе мобилизираме поширока мрежа на чинители – компании, мали бизниси, индивидуалци.
На компаниите и поединците би им порачале: вашата донација нема само финансиска вредност – таа носи порака. Порака дека сте на страната на децата кои секојдневно се борат за своето место во светот. Дека ги гледате и дека ви е грижа. Секое дете заслужува шанса – и понекогаш, токму вашата поддршка е таа што ја создава.
Што ќе овозможи оваа кампања – не само во однос на обележување на јубилејот, туку и за иднината на Центарот?
Кампањата е начин да го прославиме минатото, но уште поважно – да ја осигураме иднината. Со средствата, ќе можеме да инвестираме во обнова на опремата, во едукација на нашиот стручен тим, а тоа ќе придонесе за развој на услугите. Планираме и проширување на капацитетите – за да не мораме да ставаме деца на листа на чекање, нешто што моментално, за жал, се случува. Кампањата ќе ни овозможи да останеме достапни и професионални, без компромиси со квалитетот.
Како изгледа еден ден во Центарот за асистивна технологија? Што можат донаторите да поддржат, конкретно?
Секој ден Центарот за асистивна технологија е исполнет со работа која има јасна цел, да им овозможиме на децата со попреченост да го достигнат својот потенцијал. Денот започнува со дневно планирање, половина час со утринското кафе. Потоа следуваат индивидуални сесии – децата доаѓаат за проценка и директна работа. Некои од нив првпат добиваат пристап до технологија што им овозможува да комуницираат, да учат или да се чувствуваат посамостојно.
Паралелно, тимот работи на планирање или испорака на проекти кои се поврзани со инклузијата во предучилишното и основното образовние. Некои денови работиме на детално креирање индивидуализирани решенија за некои корисници, а за тоа ни помагаат професорите и студентите од ФЕИТ. Некои денови, наставници, родители и студенти доаѓаат на обука, добиваат насоки и поддршка. Сè се прави со внимание, и со голема посветеност.
Ова е динамична, но емотивна и инспиративна средина – каде технологијата се користи во служба на инклузијата.

Како би ја опишале вашата визија за следните 10 години? Што би сакале да постигнете доколку имате соодветна поддршка?
Визијата за следните 10 години е амбициозна. Имаме потенцијал да станеме национален ресурсен центар за асистивна технологија – достапен за деца и млади од целата држава, не само од Скопје.
Планираме да донесеме модерна асистивна технологија, да дигитализираме дел од нашите услуги, да креираме или локализираме различни онлајн алатки, туторијали и поддршка за семејствата, училиштата и сервисните служби. Со соодветна поддршка, можеме да го прошириме нашиот тим, и да создадеме генерација млади професионалци кои ќе ја носат оваа мисија напред.
Сонуваме и за нов простор во кој ќе можеме да инвестираме – модерен, прилагоден и достоен за децата со најразлични потреби.