Фондацијата Novo Nordisk и државниот кредитен фонд на Данска изјавија дека ќе инвестираат 80 милиони евра во иницијативата наречена QuNorth, за која што велат дека ќе биде најмоќниот квантен компјутер во светот, со цел да револуционизираат области како што се откривањето лекови и науката за материјали.
Квантното пресметување ќе може да изврши пресметки што би траеле милиони години ако ги прават денешните системи и би можеле да отклучат откритија во медицината, хемијата и многу други области, каде што речиси бесконечни мориња од можни комбинации на молекули ги збунуваат класичните компјутери.
Microsoft (MSFT.O), кој ја има својата најголема квантна лабораторија во Данска, ќе го обезбеди софтверот, а Atom Computing ќе го изгради квантниот компјутер.
Компјутерот ќе се вика Magne, инспириран од нордиската митологија каде што Магне, синот на Тор, е познат по својата огромна сила.
Изградбата ќе започне наесен, а се очекува компјутерот да биде готов до крајот на следната година. Квантниот компјутер ќе почне да работи со 50 логички кубити, изјави за Reuters, Џејсон Зандер, извршен потпретседател на Microsoft.
Кубит, скратено од квантен бит, е основна единица на информации во квантен компјутер, а логички кубит е виртуелен кубит изграден од многу физички кубити за сигурно обработување на квантни информации.
Минатиот ноември Microsoft и Atom создадоа 24 логички кубити, најголем број некогаш создаден.
“Кога ќе стигнеме до околу 50 логички кубити, тогаш почнуваме да ја достигнуваме вистинската квантна предност. Стигнувамe до точка каде што можам да стартувам нешто на квантен компјутер што не би можел да го стартувам на класичен компјутер. Кога машината ќе достигне 100 (логички кубити), можеме да почнеме да решаваме научни проблеми, да стигнеме до неколку стотки, да почнеме да правиме хемија и да почнуваме да одговараме на работи, а потоа кога ќе стигнеме до 1.000, решаваме сè” рече Зандер.
(Reuters)
(фото: Flickr)