ЕЦБ ги остави непроменети референтните каматни стапки

- Advertisement -

Инфлацијата во еврозоната е зауздана, но царинскиот спор со САД ја оптоварува економијата – бидејќи со Доналд Трамп тешко може да се калкулира. Европската централна банка сега игра на сигурно.

Царински спор со САД и намалена инфлација: За првпат по една година, Европската централна банка (ЕЦБ) ги остава референтните каматни стапки во еврозоната непроменети. Важната каматна стапка на депозитите за банките и штедачите останува на 2,0 проценти, соопшти ЕЦБ од Франкфурт.

- Advertisement -

Централната банка објасни дека состојбата е „сè уште исклучително неизвесна, пред сè поради трговските конфликти“. ЕЦБ е во добра позиција да почека, рече претседателката Кристин Лагард. Претходно, ЕЦБ ги намали основните каматни стапки седумпати по ред. Каматната стапка на депозитите за парите што банките краткорочно ги оставаат кај ЕЦБ е преполовена од јуни 2024 година.

Експертите очекуваа пауза во каматните стапки од ЕЦБ, бидејќи царинскиот спор со САД предизвикува неизвесност, а стапката на инфлација во еврозоната значително се намали. Во јуни, инфлацијата, според Статистичката агенција на ЕУ,  Евростат, изнесуваше 2,0 проценти, што е точно во среднорочната цел на ЕЦБ. Со тоа, инфлацискиот бран по избувнувањето на војната во Украина е прекинат – иако потрошувачите го чувствуваат повисокото ниво на цени во секојдневието.

- Advertisement -

„Задржувањето на моменталното ниво на каматни стапки испраќа важен сигнал за стабилност и флексибилност во сè уште кревка околина“, рече Јерг Асмусен, генерален директор на Германското здружение за осигурителниот сектор (ГДВ).

(Дојче Веле на македонски)

- Advertisement -

Фото – Wikimedia.commons

Сподели!
- Advertisement -