Во насока на унапредување на родовата еднаквост во професионалниот и едукативниот свет, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA и M6 Едукативниот Центар официјално го започнаа своето партнерство преку потпишување на Меморандум за соработка. Ова партнерство беше формализирано со цел заедничко креирање и имплементација на образовни активности, работилници, програми за менторство, заедничко аплицирање на проекти и размена на знаење и контакти. Фокусот на оваа соработка ќе биде и поддршката при организација на настани и промовирање на женски улоги и лидерство во образованието, бизнисот и општеството.
Партнерството е во согласност со трите главни столба на GEA: еднаква застапеност на сите нивоа и позиции, еднаква плата за иста работа, и еднакви можности за напредок – вредности кои и M6 активно ги промовира преку својата едукативна мисија.
Иницијативата на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ), GEA, е посветена на создавање инклузивна работна култура и активно работи на промовирање на еднакви можности за сите и поттикнување на родова еднаквост на работните места. Алијансата е насочена кон создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се еднакво вреднувани за нивниот придонес во работната средина, што ќе создаде нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања кои влијаат на развојот на жените на работното место.
„Партнерството со M6 Едукативниот Центар ја отвора вратата кон нови образовни можности за сите кои веруваат дека еднаквоста се постигнува преку континуирано учење, личен развој и вложување во себе. Со нашата заедничка енергија, знаење и визија, ќе придонесеме кон општество каде секој талент ќе има можност да се развие.“ – изјави раководителката на GEA, Марија Ристовска.
M6 Едукативниот Центар, претставува водечка институција за долгорочно учење и со својата мисија се залага за позитивна трансформација и развој на организациите, општеството и индивидуите. Преку бројни активности, обуки, настани и проекти постојано разработува и отвара актуелни теми значајни за економскиот и општествениот развој на земјата и регионот.
Центарот со своето долгогодишно искуство во неформална едукација и обуки, има активна улога во градење на индивидуален и организациски капацитет преку иновативни програми за лидерство, менаџмент и личен развој.
„Оваа соработка е природно продолжение на нашата мисија – за креирање на инклузивно опкружување, каде што ќе ги охрабриме сите индивидуи да вложуваат во својот личен и професионален развој. Од пред неколку години, М6 воспостави соработка со Women on Boards Adriа, а во нашето портфолио креиравме и програма за женско лидерство, со цел поддршка и охрабрување на жените и нивната застапеност во носењето на одлуки – како во бизнисот, така и во заедницата. Заедно со GEA ќе продолжиме да работиме на практични и инспиративни програми кои носат долгорочна вредност за целото општество.“ – изјави Тамара Грбевска, проектен менаџер од M6 Едукативниот Центар.
Во следниот период, GEA и M6 ќе работат заеднички на продлабочување на соработката и на организација на заеднички едукативни настани, работилници, како и заеднички проекти за поддршка на жените и мажите во различни професионални сектори. Партнерството ќе се базира на меѓусебна поддршка, размена на ресурси и споделување на добри практики.
Ова е уште еден чекор во мисијата на GEA за создавање на фер и инклузивни работни средини, каде што секој поединец има еднаква можност да напредува и да придонесе со својот целосен потенцијал. Инаку, Работата на GEA ја поддржуваат Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, Сава Пензиско, и CosLoveMetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се и Сава Осигурување, Евроинс Осигурување, Publicis Groupe, Property One Group, Aristocrat, и Avenga Academy.
Повеќе информации за активностите и можностите за приклучување кон Алијансата за родова еднаквост на работното место се достапни на: https://genderequalityalliance.org.