„Балтазар“ се еколошките сирупи на Зоран Балдазарски произведени од плодови и билки набрани во македонските шуми

- Advertisement -

Зоран Балдазарски е дипломиран градежен иженер, кој повеќе од 20 години работи како советник во Министерството за одбрана. Но покрај неговите „официјални професии“, тој е и познат по едно од неговите најголеми задоволства и хоби, кое го негува целиот живот, престојот во природа и навиката за собирање на билки и плодови. Богатството кое се крие во нашите шуми за Зоран било инспирација своето хоби да го претвори во мал семеен бизнис и да почне да произведува природни сирупи и оцет.

Производите кои денес го носат името „Балтазар“ се чисти, еколошки и направени по традиционални рецептури кои се пренесувале во семејството од колено на колено. Тој вели дека консумирањето сокови од природата, без никакви адитиви и додатоци, е благодет за здравјето на луѓето и е задоволен што сè повеќе луѓе кај нас го препознаваат тоа.

- Advertisement -

Зоран, кажете ни кога и како започна приказната на природните производи „Балтазар“, што ве инспирираше да започнете да го работите ова?

Со собирање билки и шумски плодови започнав пред повеќе од десетина години во мојот роден крај, во село Мачево, Беровско. Заминав на една рехабилитација со цел да собирам печурки, меѓутоа, печурки немаше доволно, па мештаните собираа билки и плодови. Поголеми количини од собраното им го откупуваа, но еден дел и самите ги преработуваа во домашни компоти и сокови. Тоа ми се допадна, оти така можев да направам природни производи не само за себе, туку и за моите домашни и пријатели. Првиот пат направив сируп од бор, кој уште од нашите баби е познат како лек за искашлување и прочистување на белите дробови. Потоа, започнав да собирам и други билки како ајдучка трева, бозел, диво нане, па дренки, трнки, глог. Направив и компот од шумски боровинки што на децата и нивните другарчиња многу им се допадна. Секако тоа беа мали количества за домашно користење, но приказната веќе почна да се развива.

- Advertisement -

За жал, во меѓувреме преживеав еден потежок инфаркт и неколку месеци се држев до пропишаната лекарска терапија. Кога бев на контрола докторката не рече дека состојбата е на подобро, туку во смисла, така-така. Тоа ме замисли, па наместо медицинската терапија се одлучив да продолжам да се лекувам со сируп од глог. Оваа планинска билка е и медицински призната како поддржувач на здрав кардиолошки систем во организмот. Јас веќе со години пијам сируп од глог и тоа беше еден од индикаторите што ме охрабри да продолжам да ги истражувам и да ги користам шумските плодови, не само за сопственото здравје туку и за здравјето на моето семејство, во лекување на слабокрвност, алергии и настинките со кои блиските се соочуваа.

Колку време произведувате и од кога започнавте и да продавате?

- Advertisement -

Нашите производи на почетоците ги користевме само ние во кругот на семејството, а секако им подарувавме и на нашите другари и пријатели. Токму тие, задоволни од искуството со сирупите, ги препорачуваа на свои пријатели, па така се ширеше кругот, побарувачката и се зголемуваше и производството секоја година за барем педесетина шишиња. Се разбира, количините секогаш зависат и од тоа колку плодови ќе има во шумите, какви се временските и климатските услови таа година и дали ќе успееме да собереме помалку или повеќе. Но, секако повидливи за пошироката јавност станавме со пристапувањето кон Слоу фуд и со присуството и презентацијата на нашите производи на нивните организирани настани.

Колку и какви производи произведувате во моментов и во колкави количини?

Произведуваме исклучиво сирупи, односно концентрирани сокови за разредување со вода. Засега има околу седумнаесетина различни видови сируп, а произведувам и оцет од плодови на трње, кои помагаат за дијабетес, кардиоваскуларни тегоби, мигренозни болки… Количините, како што веќе споменав, од една страна зависат пред сè од временските услови, колку и во кој дел на Македонија плодовите ќе опстојат, а и од друга стран, колку ќе можам да се организирам, да соберам и преработам. Во асортиманот во моментот имаме сируп од коприва со додатоци од други билки, од ајдучката трева, диво нане, јаглика, цвет од бор, од плод на шипки, дренки, глог, трнинки и различни миксови. Тоа што е најважно е дека не користам никакви хемиски додатоци за трајност. 

Вашите производи се природни и еколошки, но набавката на суровината е голем предизвик. Дали самите собирате или соработувате и со други собирачи?

Сите производи кои ги преработувам се од нашите планини. Поеколошки не може да бидат, значи не преработуваме плантажни овоштија, освен некои години ако успеам да дојдам до вишни. Сите други билки и плодови се дар од нашата прекрасна природа. Повремено кога не можам сам да постигнам да ги собирам плодовите и билките, договарам со собирачи, кои во нашава земја ги има доста. Тие собираат и ги продаваат. А дали има доволно, тоа во најмала рака зависи од годината колку е врнежлива. Се случува, на пример дренките, да изгорат од сушата и ги има само на одредени подрачја каде е повлажно.

Природата и традицијата се испреплетени во вашите рецепти. Дали ги менувате старите рецепти за соковите, воведувате ли новини или технологија во производството?

Точно, природата и традицијата се испреплетени во рецептите, меѓутоа секако дека рецептите ги надградувам со посебни специфики и мешавини од природните тревки. Засега, соковите ги правам традиционално, на старински начин, со киснење, цедење и пастеризирање во стаклени шишиња. Сè уште немам софистицирани машини за преработка на поголеми количества. Размислувам и за осовремување на целиот процес, со воведување на понова технологија во производството, но за тоа прво планирам да изградам посебна работилница во моето село. Потоа ќе следи подновување со технологија, која верувам доста ќе ми го олесни процесот на работа.

Засега најголемиот товар на производството паѓа на мене, јас сум главниот мајстор. Сопругата ми помага околу чистењето на плодовите и одбирањето на веќе набраните билки и секако околу промоцијата на социјалните мрежи. Полека се вклучуваат и синовите пред сè околу дизајнот и претставување на некои настани.

Соковите Балтазар се без адитиви и конзерванси и имаат голем бенефит по здравјето на луѓето. Колку купувачите кај нас ги препознаваат и ги бараат природните производи?

 Па, иако некои се скептици кога се зборува за здрави напитоци, најчесто по препорака на наши корисници, ова табу се руши. Можам да се пофалам дека сè повеќе луѓе кои си помогнале околу одредени здравствени проблеми нè препорачуваат на свои пријатели, со што и нарачките ни се зголемуваат.

Морам да потенцирам дека во препознавањето на нашите производи ни помогна и вклучувањето во Слоу фуд . Со учество на нивните организирани настани станавме многу поприсутни и побарани. Од годинава се зачленивме и во Федерација на фармери, па така кругот на корисници ни се зголемува.

Какви се вашите планови за во иднина?

Задоволни сме кога добиваме повратни информации од нашите корисници, особено кога луѓето признаваат дека со поредовно пиење на нашите сирупи си решиле подолготраен здравствен проблем. Тоа нè мотивира сè повеќе да одиме напред, да размислуваме за зголемување на производството, технолошко осовременување и поголема посветеност во пензионерските денови.

Сподели!
- Advertisement -