Откриена е клучната разлика помеѓу мозокот на оптимистите и песимистите

- Advertisement -

Кога размислуваат за иднината некои луѓе автоматски ги замислуваат најдобрите можни исходи, додека други прават планови за најлошото. Но, студиите сè повеќе покажуваат дека разликата помеѓу оптимистите и песимистите можеби не е само прашање на став, туку и поради начинот на кој функционира нивниот мозок.

Нова студија од научници од Универзитетот Кобе во Јапонија, објавена во престижниот магазин PNAS, откри дека мозокот на оптимистите функционира на изненадувачки координиран начин. Кога ја замислуваат иднината, оптимистите покажуваат многу слични модели на мозочна активност во регионот одговорен за емоционална обработка и планирање – медијалниот префронтален кортекс (MPFC). Спротивно на тоа, мозоците на песимистите изгледаат поразновидни и неповрзани.

- Advertisement -

Во студијата научниците направиле паралела помеѓу заклучоците од нивното истражување и познатата реченица на Толстој од почетокот на книгата „Ана Каренина“: „Сите среќни семејства се слични, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“.

Слично на тоа, истражувачите пишуваат: „Сите оптимисти се слични, додека секој песимист размислува за иднината на свој уникатен начин“.

- Advertisement -

Првиот автор на студијата, психологот и невронаучник Кунијаки Јанагисава, вели дека „оптимистите се чини дека користат заедничка невролошка рамка за да ги организираат своите мисли за иднината, што веројатно одразува сличен стил на ментално процесирање, а не идентични мисли“. „Тие буквално се на иста бранова должина“, додава тој.

Истражувањето вклучувало 87 учесници, кои прво пополниле психолошки прашалник за мерење на оптимизмот, а потоа учествувале во скенирање на мозокот со функционална магнетна резонанца (fMRI). За време на снимањето од нив било побарано да замислат различни можни сценарија од сопствената иднина – позитивни, неутрални и негативни, вклучувајќи теми поврзани со смртта. Целта била да се открие како нивните мозоци реагираат на различни емоционални претстави за иднината.

- Advertisement -

Резултатите покажале дека мозоците на оптимистите покажувале конзистентни шеми, но и поголема способност да разликуваат помеѓу позитивни и негативни настани. Оваа разлика не била толку изразена кај песимистите, што може да укажува на емоционална конфузија или помала толеранција на стрес.

Јанагисава сугерира дека таквата „почиста“ емоционална обработка може да им помогне на оптимистите да останат психолошки отпорни бидејќи ги перцепираат негативните сценарија на поапстрактен и помалку конкретен начин.

„Ова не значи дека оптимистите ја замислуваат истата иднина, туку дека нивните мозоци ги структурираат позитивните и негативните информации на сличен начин. Значи, тие не размислуваат исто – но размислуваат на сличен начин“, објасни Јанагисава.

Се поставува прашањето зошто реакциите на песимистите се толку различни од оние на оптимистите. Според една теорија, песимистите имаат поширок спектар на грижи и ја доживуваат иднината преку поразновиден емоционален филтер.

Друга можност, според Јанагисава, е дека оптимистите делат заедничка рамка на општествено прифатени цели и вредности – нешто од кое песимистите може да се чувствуваат отуѓени, поради лични верувања, траума или социјални искуства. Научниците заклучуваат дека оптимистите навистина не само што ја гледаат чашата како полуполна – туку имаат и мозоци кои знаат како да ја одржат полна.

(Index.hr)

(фото: Flickr)

Сподели!
- Advertisement -