Антонио Илијевски ja направи “Македонска држава“! Креирана првата дигитална платформа со е-книги од македонската историја

- Advertisement -

Антонио Илијевски е јазичар и македонист, љубител на историјата, културата и книжевноста и еден од креаторите на проектот „Македонска Држава“, првата дигитална платформа со електронски книги кои опфаќаат над 150 години од македонската историја.

Библиотеката е бесплатна, а Антонио вели дека до неа може да пристапи секој кој е заинтересиран за македонското историско и културно наследство. Платформата на македонски и англиски јазик, а во иднина ќе се преведе и на други странски јазици.

- Advertisement -

Наменета е за студенти, професори, истражувачи, но и за секој човек што сака да ја запознае и истражува македонската култура и историја. Целта е зачувување на македонското културно наследство преку дигитални иновации, со што историските богатства ќе останат достапни за идните генерации.

Антонио, по повод 8 септември, Денот на независноста ја промовиравте првата дигитална платформа со електронски книги кои опфаќаат над 150 години од македонската историја. Кога го започнавте овој проект и колку време се работеше?

- Advertisement -

Проектот го започнавме пред нешто повеќе од две години. Од самиот почеток беше јасно дека се работи за долгорочен и обемен процес, од истражување и собирање материјали, до дигитализација и техничка изработка на самата платформа. Секој чекор бараше внимание и посветеност, бидејќи сакавме крајниот резултат да биде сериозен и траен придонес кон зачувување на нашето културно наследство.

Колку книги и документи содржи платформата и како е направен изборот?

- Advertisement -

Во моментов платформата содржи над 300 дигитализирани книги и документи кои ја опфаќаат македонската историја, култура и поезија од последните 150 години. Изборот беше направен врз основа на историската вредност, реткост и значењето за македонската книжевна и културна меморија. Се потрудивме да опфатиме дела од преродбениците, револуционерната литература, научни изданија, како и антологии на поезија.

„Македонска Држава“ им овозможува на сите љубопитни умови, без разлика на возраста или образованието, слободен и објективен увид во богатото културно и историско наследство на Македонија. Во време кога информациите често се фрагментирани или недостапни, оваа библиотека претставува централно место за учење, истражување и инспирација. Тука секој посетител ќе може да најде веродостојни и внимателно селектирани содржини, вклучувајќи архиви што ги опфаќаат најзначајните настани и личности од изминатите 150+ години. Со внимателно селектирани содржини, организирани во јасни категории и поддржани со лесна, интуитивна навигација, овој проект претставува модерен одговор на потребата за централизирана дигитална архива.

Од каде и на кој начин ги обезбедивте материјалите за платформата? Колку време траеше тој процес?

Материјалите ги обезбедивме од повеќе државни и приватни дигитални библиотеки, архиви и приватни збирки. Процесот траеше скоро цела година, затоа што голем дел од изданијата беа ретки и недостапни во јавноста. Нашата замисла е „Македонска држава“ да биде збир од повеќе дигитални библиотеки, македонски, од соседството, но и од светот. Целта ни е да ги пронајдеме сите документи и публикации од последните 150 години кои ќе прикажат што точно се случувало на територијата на цела етногеографска Македонија, како дејците кои биле овде присутни гледале на истата, а истовремено ќе ја прикажеме и флуидноста и променливоста на нивните колективни идентитети, погледи и ставови.

Што ве мотивираше да работите на еден ваков проект? Која е целта која сакате да ја постигнете?

Нашата мотивација беше идејата дека знаењето и културното наследство мора да биде достапно за сите. Нашата историја не смее да остане затворена зад прашливи полици или во архиви до кои имаат пристап само мал број истражувачи. Дел од нашето културно наследство не успеваат ни физички да го сочуваат. Веруваме дека историјата треба да биде жива, разбирлива и достапна за секого – без ограничувања и без филтри. Свесни сме дека во многу институции не се исполнети ниту минималните услови за заштита и чување на историскиот архив. Целта е овие дела да станат достапни дигитално, за студентите, професорите, истражувачите, но и за секој љубител на македонската култура и историја, во земјата и странство.

Дали платформата планирате да се надополнува со нови изданија и за поголем историски период?

Да, апсолутно ќе расте фондот и ќе се дополнува со нови изданија. Ова е само почетокот. Веќе работиме на следни дигитализации, со кои сакаме да ја прошириме платформата со уште стотици изданија од различни историски периоди. Целта е платформата постојано да расте и да стане најголемиот дигитален историски архив.

Какви се вашите планови за во иднина?

Плановите се да ја направиме платформата препознатлива не само во Македонија, туку и на меѓународно ниво, како дигитален центар за македонски книги и документи. Исто така, сакаме да овозможиме напредно пребарување и категоризација за истражувачите, како пребарување по автор, период или тема, да вклучиме уште повеќе мултимедијални содржини и самата платформа да биде достапна на повеќе јазици.

Сподели!
- Advertisement -