Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба за план за продажба на американските операции на TikTok на американски и глобални инвеститори, во согласност со законот од 2024 година, кој би ја забранил апликацијата доколку нејзините кинески сопственици не ја продадат.
Според извршната наредба, TikTok ќе биде во мнозинска сопственост и контролиран од американски субјекти.
Според наредбата објавена од Белата куќа, договорот вклучува интензивно следење на ажурирањата на софтверот, алгоритмите и протокот на податоци.
Кинеската ByteDance и нејзините подружници ќе поседуваат помалку од 20% од новото заедничко вложување, кое ќе го управува нов одбор на директори, во согласност со правилата што соодветно ги штитат американските податоци и националната безбедност, се наведува во наредбата.
Потпретседателот Џ.Д. Венс рече дека новата американска компанија ќе биде проценета на околу 14 милијарди долари.
“Имаше одреден отпор од кинеска страна, но главната работа што сакавме да ја постигнеме беше да се осигураме дека TikTok работи, но и да ја заштитиме приватноста на податоците на Американците, како што е пропишано со закон”, рече Венс.
Трамп рече дека разговарал за сè со кинескиот претседател Си, кој го одобри американскиот напор.
Тој исто така рече дека Мајкл Дел, Руперт Мардок и веројатно четири или пет светски познати инвеститори ќе бидат дел од договорот за купување на американскиот бизнис на апликацијата за кратки видеа.
Кинеската амбасада во Вашингтон не даде коментар, а TikTok сè уште не ја коментирал целата приказна.
За потсетување, Трамп го одложи спроведувањето на законот до 16 декември, поради напорите за извлекување на американските средства на TikTok од глобалната платформа, привлекување американски и други инвеститори и добивање одобрение од кинеската влада. Патем, американскиот претседател верува дека TikTok му помогнал да биде реизбран минатата година и има 15 милиони следбеници на него. Белата куќа, исто така, има официјален профил од минатиот месец.
(Zimo/Reuters)