Кинеските власти денес објавија „дисциплински и казнени мерки“ против социјалните мрежи Weibo и Kuaishou за „непожелна“ содржина, oдносно „прекумерен акцент на тривијална содржина и познати личности“.
Како што објави Кинеската интернет администрација (CAC), овие мерки вклучуваат „повици за разговори, наредби за корекција на пропустите во одреден период, предупредувања, како и строги санкции за одговорните лица“, објави францускиот „Фигаро“.
Критиките од кинеските власти се однесуваат на „рангирањето на најпопуларните пребарувања“, односно на функцијата на овие апликации што ги истакнува најактуелните теми. CAC рече дека тие мрежи честопати прикажувале „непожелна содржина“, вклучително и прекумерно известување за активности на познати личности, како и тривијални објави.
CAC го обвини Weibo за „загрозување на онлајн екосистемот“, додека Kuaishou го обвини за придонесување кон прекумерното ширење на содржина поврзана со познати личности што се смета за тривијална.
Weibo е платформа за микроблогирање каде што се објавуваат текстови и фотографии, обично поврзани со актуелни настани. Во март, оваа мрежа имаше 591 милион месечни активни корисници.
Kuaishou е апликација за кратки видеа слична на TikTok која имаше повеќе од 730 милиони месечни активни корисници на почетокот на годината. Слични мерки беа преземени минатата недела против друга популарна апликација, RedNote (исто така позната како „кинески Инстаграм“).
(Б92)
Фото – Flickr