Отпадот од кафе не ѓубре! Зимере Саити Муслији го претвора во ECoScrub пилинг крема

- Advertisement -

Зимере Саити Муслији e биотехнолог и универзитетски професор, која заедно со своите колеги професори и истражувачи формираа тим кој ја комбинира науката, практичните вештини и претприемништвото и на тој начин креираше уникатен и иновативен производ, природна пилинг крема направена од рециклиран талог од кафе.

Желбата да се направи корисен, но истовремено и еколошки производ, кој ќе реши едно големо прашање, а тоа е создавањето на отпад од кафе, била мотив овој тим истражувачи своите знаења во теоријата да ги претворат во конкретни решенија.

- Advertisement -

Зимере вели дека целта им е да создадат производи кои се добри и за луѓето и за планетата, а се базираат на истражувачки докази.

 Новинар- Сања Наумовска

Зимерe, кажете ни подетално, што е EcoScrub и како дојдовте на идеја да го искористите отпадот од кафе за да направите природни пилинг креми за тело?

- Advertisement -

ECoScrub е природна пилинг крема направена од рециклиран талог од кафе. Нашата идеја е едноставна, од отпад што секојдневно се создава, ние правиме корисен, еколошки и здрав производ за кожата.

Идејата произлезе од нашите истражувања во последните години за потенцијалот на биоотпадот, во комбинација со секојдневните потреби и навики. Како истражувач секогаш сум гледала на отпадот како на потенцијален ресурс. Кога ќе се забележи колкаво количество кафе се консумира секој ден, станува јасно дека се работи за огромна неискористена суровина. Дополнително, кафе-талогот одамна е познат во домашните рецепти за пилинг, па решивме да ја надградиме таа пракса со научен пристап и професионален производ.

- Advertisement -

Објаснете ни како од кафето правите козметички производ ? Кои се бенефитите од користењето на EcoScrub?

Најчесто, го собираме талогот од локални кафулиња, го сушиме и преработуваме за да ги извлечеме активните состојки. Со нив формулираме природна крема која обезбедува мазна и ревитализирана кожа, подобрена циркулација, намален целулит, природна хидратација, подмладувачки ефект, антиоксидативна заштита и зајакнување на природната бариера на кожата. Кофеинот стимулира циркулација, го тонизира и освежува кожниот слој, додека маслата ја одржуваат кожата мека, еластична и хидрирана. Полифенолите и другите биоактивни компоненти го штитат од оксидативен стрес, ја стимулираат обновата на клетките додека микро-гранулите од талог делуваат како природен пилинг и ја подобруваат микроциркулацијата.

Истовремено, покрај придобивките за корисниците, производот има и други предности. Тоа се еколошката, социјалната и економската димензија на нашето производство, бидејќи ECoScrub  придонесува кон намалување на отпадот, рециклирање, создавање локален и одржлив производ, поддршка на локалната економија, едукација за одржливи практики и промоција на еколошка свест во заедницата.

Веќе имате подготвен прототип од козметичкиот еко-производ. Кои се следните чекори во развојот на продуктот? Има ли слични кои се користат веќе некаде?

Да, имаме прототип. Следните чекори се лабораториски тестови и сертификација, пилот-серија за пазарно тестирање, развој на бренд и маркетинг.
Во светот постојат неколку примери на козметика со кафе, но во Македонија вакво решение засновано на рециклиран кафе-отпад се уште не постои. Тоа ни дава уникатна предност.

Барањето решенија за отпадот е голем предизвик и за развиените држави. Колку вашата иновација ќе придонесе за почиста средина?

Нашата иновација има двоен ефект го намалува отпадот и го претвора во корисен производ. Со тоа, го намалуваме создавањето стакленички гасови и загадувањето на воздухот од согорување отпад. Истовремено, поттикнуваме еколошка свест и одговорност кај потрошувачите и кај бизнисите што ни го даваат талогот.

Вашата идеја неодамна стана еден од победниците на натпреварот „Зелени идеи 2025“, кој го организираше АРНО, а учествувавте и на регионалниот натпревар. Какво беше ова искуство за вас? Какви се вашите планови за во иднина?

Искуството беше навистина инспиративно. Од вкупно 39 апликации на националниот натпревар, нашата идеја беше една од трите избрани. Регионалниот натпревар се одржа овој пат во Охрид и траеше пет дена, со учество на 6 држави, по 3 идеи од секоја, вкупно 18 идеи. Поддршката на ARNO беше извонредна, а ние имавме можност да се сретнеме со луѓе од целиот регион кои развиваат креативни и зелени решенија. Нашата идеја победи и на регионалниот натпревар, што ја потврди вредноста и потенцијалот на нашиот концепт. Во иднина планираме да вклучиме уште повеќе локални заедници, млади и студенти и да ја прошириме производната линија.

Сподели!
- Advertisement -