Анализа на 800.000 европски автомобили покажа дека plug-in хибридите загадуваат речиси пет пати повеќе отколку што покажаа лабораториските тестови.
Plug-in хибридите, кои можат да бидат напојувани и од електрични и од мотори со внатрешно согорување, се продаваат како алтернатива на двата начина на погон – тие можат да патуваат на подолги растојанија со едно полнење од електричните автомобили, а истовремено имаат значително пониски емисии на јаглерод од бензинските автомобили.
Сепак, анализата на непрофитната група Transport & Environment покажува дека plug-in хибридите испуштаат само 19 проценти помалку јаглерод диоксид од бензинските или дизел автомобилите, што е во спротивност со лабораториските тестови кои сугерираат дека таквите хибриди треба да загадуваат 75 проценти помалку, објавува Guardian.
Истражувачите анализирале податоци од мерачите за гориво од 800.000 автомобили регистрирани во Европа помеѓу 2021 и 2023 година. Тие откриле дека реалните емисии на јаглерод диоксид од plug-in хибридите во 2023 година биле 4,9 пати повисоки од оние од стандардизираните лабораториски тестови, што е значително зголемување од 2021 година, кога биле 3,5 пати повисоки од резултатите од тестовите.
Истражувачите голем дел од разликата помеѓу официјалните и теренските податоци ја припишаа на преценување на „факторот на корисност“ – односот на километри поминати во електричен режим кон вкупните поминати километри – и открија дека автомобилите возеле 27 проценти од своите патувања во електричен режим, иако официјалните проценки предвидуваа 84 проценти.
Анализата, исто така, покажа дека загадувањето е многу поголемо од официјалните проценки дури и при возење во електричен режим. Ова се должеше на недоволната моќност на електричниот мотор, кој мораше да биде потпомогнат од моторот со внатрешно согорување за една третина од патувањето.
Истражувачите пресметаа дека потценувањето на емисиите од plug-in хибридните возила им овозможило на четирите големи производители на автомобили да избегнат казни во вредност од повеќе од 5 милијарди евра помеѓу 2021 и 2023 година. Тие додадоа дека трошоците за користење на plug-in хибриден мотор би можеле да изнесуваат околу 500 евра годишно, како што е предвидено со лабораториските тестови.
„Смелите тврдења што производителите сакаат да ги дадат за своите plug-in хибридни возила се очигледно далеку од вистината“, изјави за Гардијан Колин Вокер, аналитичар за сообраќај. „Потрошувачите се залажуваат дека купувањето plug-in хибрид помага на животната средина и заштедува пари“, рече тој. „Всушност, тие се само маргинално подобри од конвенционалните бензински и дизел автомобили во однос на потрошувачката на гориво, емисиите на CO2 и трошоците за работа.“
(Seebiz.eu)
Фото –