Од ноќеска на полноќ за по еден денар од литар се намалуваат цените на дизел горивото и маслото за горење, и нивните максимални малопродажни цени ќе изнесуваат 67 денари за еден литар Еуродизел и 66,5 денари за литар Масло за горење. Цените на бензините не се менуваат и остануваат на 74 денари за литар Еуросупер 95 и 75 денари за литар Еуросупер 98.
Малопродажната цена на мазутот се намалува за 0,614 денари од колограм и тој ќе чини 36,047 денари за килограм. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ), денеска информира дека донела одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 отсто во однос на одлуката од 13.10.2025 година.
-Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,270%, кај дизелот за 3,247%, кај екстра лесното масло за 3,963% и кај мазутот намалувањето е за 3,144%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5468%, се вели соопштението од РКЕ.