Aфриканскиот пазар на електрични возила (EV) доживува брз раст. Според податоците објавени од CNN International, се очекува вредноста на овој пазар да достигне 4,2 милијарди долари до 2030 година, што е двојно повеќе од сегашната вредност. Сепак, повеќето електрични возила сè уште се потпираат на традиционалната електрична мрежа, која добива енергија од комбинација на обновливи и фосилни извори.
Тунискиот стартап Bako Motors се приклучи на овој тренд, но со уникатен пристап – користејќи еден од најголемите природни ресурси на Африка: сонцето. Нивните компактни автомобили и камиони се опремени со соларни панели на покривот. Иако овие возила сè уште користат литиумски батерии и можат да се полнат на класични станици за полнење или дома, соларните панели им овозможуваат пристап до бесплатен извор на енергија за директно полнење на батериите. Компанијата досега произведе 100 возила и планира значително да го зголеми производството и извозот следната година.
Бубакер Сијала, основач и извршен директор на Bako Motors, ја нагласува важноста на соларните ќелии за работењето на возилата.
„Соларните ќелии ни обезбедуваат повеќе од 50% од нашите енергетски потреби. На пример, нашиот модел B-Van, наменет за комерцијална употреба, може да патува околу 50 километри дневно користејќи само бесплатна сончева енергија. Тоа се околу 17.000 километри годишно, што е огромна заштеда“ додава тој.
Компанијата, основана во 2021 година, првично произведуваше товарни трицикли, но се преориентира на модели со четири тркала. Тие моментално нудат два главни модели. Првиот е B-Van, дизајниран за логистика и испорака „последна милја“. Може да носи 400 килограми товар, има досег од 100 до 300 километри, а неговата почетна цена е околу 7.900 евра. Вториот модел, Bee, е мал градски двосед, идеален за секојдневно возење. Неговиот досег е од 70 до 120 километри, максимална брзина од 45 км/ч, а почетната цена е околу 5.800 евра.
Тие развиваат и трет модел, X-Van, кој ќе има поголем товарен простор и две седишта.
Како што откриваат, повеќе од 40% од деловите за секое возило се набавуваат локално, вклучувајќи челични и литиум-железо-фосфатни батерии. Ова придонесува за создавање на многу потребни работни места во Тунис.
Иако на глобалната сцена постојат слични стартапи, како што е американскиот Aptera Motors, кој развива возила со подолг соларен дострел, нивните автомобили се значително поскапи (цените почнуваат од околу 30.000 долари). Бако Моторс има за цел да ја пополни празнината на африканскиот пазар нудејќи прифатливи решенија. Додека етаблираните играчи на африканскиот пазар на е-мобилност, како што се BasiGo со своите е-автобуси во Кенија и Руанда или Spiro, добавувач на електрични мотоцикли, доминираат во нивните сегменти, Bako Motors се издвојува со својата иновативна употреба на сончева енергија.
Иако Bako Motors во моментов е мала компанија, неодамна започна изградбата на втора, поголема фабрика во Тунис. Се очекува да се отвори до крајот на 2026 година, со цел да се достигне производствен капацитет од до 8.000 возила годишно за пазарите на Блискиот Исток, Африка и Европа.
(Kamatica)
(фото: Bako Motors)



