Сторијата „По трагите на Јулија“ на Александар Димитриевски и Михаил Милошевски од 360 степени, која го истражува скандалот со „лажната“ диплома за англиски јазик на шефот на тајната полиција е наградена со првата награда на Европската Унија за истражувачко новинарство за 2025 година. Втората награда ја добија Сашка Цветковска, Бојан Стојановски, Александра Денковска, Трифун Ситниковски, Александар Јанев и Давид Илиевски од Истражувачка репортерска лабораторија ИРЛ, за сторијата „Украдени животи“ која ја открива шемата за крадење идентитети со цел подигање брзи кредити на туѓо име. На третото место се Срѓан Стојанчов и Снежана Лупевска Созен за сторијата „Досие Крмзов – Епски криминал или обид да му се одземе бизнисот“од емисијата КОД, ТВ Телма, која истражува финансиски криминал со мрежа на фирми кои испумпувале пари од државниот буџет.
Наградата, поддржана од Европската Унија ги препознава најдобрите истражувачки стории објавени во претходната година во земјите од Западен Балкан и во Турција, а координатор за Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Церемонијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.
„Вечерва сме тука да ги препознаеме оние што преку нивната храброст и професионализам го почитуваат правото на јавноста да знае. Се надевам дека денешните награди ќе инспирираат нови стории, нови истражувања и обновена посветеност за слобода на печатот насекаде“, рече амбасадорот Рокас.
Претседателот на жири-комисијата Валентин Нешовски даде увид во процесот на селектирање на пристигнатите апликации и темите кои биле истражувани.
„Од името на жирито и од името прогресивната и објективната јавност која ги цени вашите напори, ви благодарам вам на новинарите кои така посветено разобличувате несоодветности, аномалии и девијации во општеството. А потоа им благодарам на претставниците од Европската Унија кои го сфаќаат суштинското значење за потребата од поддржување вакви награди. Вакви награди се без никакава задршка – апсолутно потребни“, рече Нешовски.
Годинава жири-комисијата ја сочинуваа Валентин Нешовски, Соња Колевска-Делевска и Огњен Зориќ.
(Meta.mk)



