Вчера, во Скопје се одржа петтиот Социо-еколошки форум во организација на Фондација Фридрих Еберт со канцеларија во Скопје и Прогрес Институт за социјална демократија.
Форумот, почна со едукативна прошетка низ централното градско подрачје, каде што преку приказни, набљудување и заеднички дискусии се истражуваше јавниот простор. Преку оваа активност, граѓаните го искажуваа своето размислување. Тие велат дека сакаат простор што подеднакво им служи и на граѓаните и на природата. Бараат повеќе зеленило, повеќе сенка, клупи, пристапност и инклузивност. Сакаат јавен простор што го одразува достоинството и ја поттикнува благосостојбата на граѓаните.
Оваа година, Форумот е фокусиран на „placemaking“, рамка што го поима јавниот простор како заеднички процес. Во време на растечки социјални нееднаквости и еколошки предизвици, овој пристап станува клучна насока кон социо-еколошка правда: правични, зелени, инклузивни и отпорни градови. Социо-еколошката трансформација започнува токму таму каде што луѓето се движат, живеат и се среќаваат.


Странските учесници, активисти, експерти, претставници од граѓански организации и политички претставници имаа можност да ја погледнат проекцијата на филмот „Скопје Ремикс“, во којшто се зборува за девет приказни за Скопје создадени од десет реномирани македонски режисери. Секоја од овие девет приказни ја прикажува субкултурната сцена која најактивно ги користи јавните простори, ги оживува и им дава нова енергија. Преку овој филм, учесниците подобро го запознаа Скопје, неговата култура, различности, предности и слабости.
Од ФЕС потенцираат дека јавниот простор мора да се планира и уредува според реалните потреби на граѓаните. Недостигот од зеленило во Скопје е сè поочигледен како резултат на долгорочната бетонизација, а тоа го наметнува императивот јавните простори повторно да се ослободат, озеленат и стават во вистинска функција на заедницата.
Во текот на вчерашниот ден, се одржаа три тематски работилници кадешто се создаваше концепт за простор отпорен на климатски промени, понатаму форумот се фокусираше на пристапноста и инклузивноста со цел јавниот простор да биде навистина достапен за сите. На третата работилница, експертите и учесниците се посветија на модели за подобрување на енергетската ефикасност во урбаното уредување.
На панел-дискусијата се дискутираше за „placemaking“ како алатка што овозможува креирање поправедни, позелени и поприлагодливи заедници, простори во кои секој граѓанин може достојно да живее.
На петтиот Социо-еколошки форум учество зедоа проф. д-р Кирил Сотировски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и еко инженеринг „Ханс Ем” (Шумарски факултет); инженерот, сценарист и културен работник; проектен менаџер во Pro Peace Macedonia Јаков Попоски; политичарот, поранешен градоначалник на Шабац и претставник на Демократска партија на Србија Небојша Зеленовиќ, политикологот, феминистка и активистка за социјална правда, програмска координаторка во FES Романија Тудорина Михаи; авторката во независниот медиум „Mašina” и истражувачка во областа на критички урбани студии и просторна правда Искра Крстиќ. Свое учество исто така зедоа и избраниот локален советник во Град Атина, Грција Константинос Декавалас; архитектката, урбана истражувачка и проектна директорка, активна на пресекот меѓу просторното планирање, јавните знаења и институционалното управување; Nova planska praksa, Србија Љубица Славковиќ, како и архитектката, истражувачка и урбан социолог Ива Петрунова.




