Конференцијата NLBNext – „Иднината на банкарството“ организирана по повод 40-годишнината на НЛБ Банка, понуди многу интересни дискусии и перспективи за иновациите во банкарството. Учество зема и врвниот меѓународен консултант за нови технологии и футурист Дејвид Кериган, кој го отвори прашањето за тоа колку е добредојдена интеграцијата на вештачката интелигенција во финансискиот и банкарскиот сектор?
„Тој во своето обраќање изјави дека ‘AI веќе не е далечна иновација, туку алатка што ги менува темелите на банкарството, од начинот на кој клиентите комуницираат со банките, до тоа како се носат деловни одлуки и се креираат нови услуги. Според него, прашањето не е дали AI треба да биде дел од банкарскиот систем, туку колку брзо институциите ќе се прилагодат на новите услови и ќе ги искористат нејзините можности. Луѓето мора да станат свесни дека корисниците, клиентите, па дури и нашите претпоставени многу брзо ќе им се придружат или ќе бидат заменети со AI агенти. Денеска генеративната вештачка интелигенција (GenAI) веќе влегува во нова фаза во која може да извршува задачи што не се наредени експлицитно од корисникот – ова е подемот на новите системи на агентска вештачка интелигенција (Agentic AI) кои работат самостојно, носат рационални одлуки и преземаат целосни процеси наместо нас, луѓето “.
Кериган додаде дека Агентската трговија (Agentic Commerce) ќе донесе целосна револуција во купувачките односи. Благодарение на својата способност да анализира ризици, да споредува понуди, да носи рационални купувачки одлуки, да ја изврши трансакцијата и да ја организира доставата до домот на купувачот, вештачката интелигенција ќе ја редефинира улогата на традиционалниот потрошувач, упатувајќи јасна порака до компаниите и до банкарскиот сектор: вештачката интелигенција не е проблем ниту пречка, туку новата реалност кон која треба да се усогласат деловните цели и човечките ресурси.
На конференцијата за одбележување беше и настапот на швеѓанецот Магнус Лингвист, мотивациски говорник и футурист со над 1000 настапувања низ целиот свет, кој порача дека иднината е тука и нѐ повикува да размислуваме храбро. Тој истакна дека мора да бидеме флексибилни и подготвени за промени бидејќи населението ќе се намалува на глобално ниво, а тоа ќе ја менува динамиката на општеството и пазарот.
Со тоа АI ќе мора да работи за нас бидејќи ќе има помалку луѓе и автоматизацијата и интелигентните системи ќе бидат клучни за продуктивност и одржливост. Истовремено инвестицијата во здравјето на поединците и општеството е клучна за одржлив раст, додека иновациите и експериментите од slime роботи и нано технологија до вселенски фабрики, нудат растечки можности за нови иновативни решенија.
„Иднината не е нешто што само ќе се случи, туку резултат на нашите секојдневни избори. Инвестирајте во иновации, прифатете го напредокот на технологијата и новата AI ера, размислувајте футуристички и планирајте ги наредните 40 години “, нагласи Линдквист.
Темите од конференцијата NLBNext – „Иднината на банкарството“ долго време ќе одекнуваат во јавноста. Тие не повикаа да гледаме на иднината како на поле полно со можности, каде банките, иновациите, технологијата и храбрите идеи го обликуваат светот во кој сакаме да живееме, создавајќи поефикасен, транспарентен и одржлив финансиски екосистем.



