Игор Миленкоски е македонски дизајнер кој го дизајнираше најновиот нуркачки часовник „Seaborn“ на германскиот бренд „Декла“. Игор, кој работи во IT секторот, вели дека е колекционер на книги поврзани со часовници кои ги издаваат самите компании, а најголемиот дел од слободното време го поминува во надоградба и црпење инспирација за нови дизајни.
Тој вели дека часовникот е замислен како вистинска алатка, со водоотпорност од 200 метри, што го прави рамноправен со професионалните нуркачки часовници, а истовремено практичен и за секојдневна употреба.
Новинар – Сања Наумовска
Брендот „Декла“ неодамна извади нов модел часовник што е твој дизајн. Раскажи ни како дојде до оваа соработка?
Првиот контакт со германската компанија DEKLA се случи пред четири-пет години кога сопственикот ме контактираше откако го заинтригирале моите дизајни на часовници кои ги објавувам на Инстаграм(design_by_igor_m). Имавме неколку обиди да започенеме соработка оттогаш, но поради оправдани причини не успевавме да ја реализираме се до пред една година, кога и официјално започна процесот на создавање на нуркачкиот часовник „Seaborn“. Компанијата ми овозможи максимална креативна слобода во дизајнирањето што дополнително ми даде поттик да вложам уште поголем труд за да создадам целосно нова идеја за нуркачки часовник без никакви претходно дадени насоки.
Што е карактеристично за дизајнот на часовникот „Seaborn“?
Она што е карактеристично за овој нуркачки часовник е тоа што од самиот почеток беше замислен како вистинска алатка, а не како дизајнерски украс. Бројчаникот има релјефна, речиси механичка структура за разлика од останатите нуркачки модели кои најчесто се со рамна површина. Индексите се масивни и имаат свој препознатлив облик, што му дава оригинален карактер на часовникот. Посебно се истакнува формата „U“ на позициите 3, 6, 9 и 12, инспирирана од првата буква на Украина, како почит кон потеклото на сопственикот на DEKLA. Има одлична читливост со јасни стрелки и луминисценција. Бројчаникот е заштитен со сафирно стакло кое е исклучително отпорно на гребнатинки. Безлот е изработен од челик и сафир, со стандардна скала за мерење на времето на нуркање, сместена во оригинален дизајн, и ротира со 120 прецизни клика, додека робусното куќиште од челик со заштитена круна јасно покажува дека е направен за реална употреба под вода, а не е само како декорација. Водоотпорноста од 200 метри го става рамноправно со професионалните нуркачки часовници. Внатре е Sellita SW200-1 Elabore, подобрена и попрецизна верзија на механизам, избран затоа што е докажан и сигурен во ваков тип часовници. Најголемата цел беше да се создаде часовник кој ќе биде препознатлив преку својата оригинална ДНК.


Колку време работеше на дизајнот, што те инспирираше?
На дизајнот работев околу еден месец. Креативниот процес никогаш не е линеарен, и нормално првобитната идеја претрпе промени за да се достигне оригиналноста на изгледот. Идејата е скоро целосно произлезена од мојата имагинација и креативност. Сакав преку робустниот изглед на часовникот, но со солидни димензии да направам референца со истражувачките подморници како инструменти за под вода, но истовремено и да создадам модел кој ќе биде практичен и за секојдневна употреба.
Каде ќе се продава часовникот, ќе може ли да се најде во земјава?
Часовникот е достапен глобално, и може да се дојде до него преку официјалната веб страна на DEKLA (www.deklawatches.com/en). Во македонските салони нема да биде достапен бидејќи бројот на произведени примероци е ограничен, но секој заинтересиран љубител на часовници може да го нарача онлајн.


Колку македонските дизајнери се конкуретни на европскиот или светскиот пазар?
Реално е многу тешко да се пласира производ на пазарот во оваа сфера, но и бројот на македонски дизајнери кои активно се занимаваат со дизајнирање на часовници е премал. Тешко е да се биде конкурентен затоа што оваа област кај нас воопшто не е развиена, додека низ Европа постојат специјализирани училишта кои се занимаваат со дизајн и изработка на часовници и тие секогаш ќе имаат предност.
Кога зборуваме за дизајнирање на часовници на домашниот пазар, скоро и да не постојат можности за напредок поради слабата развиеност на оваа дејност кај нас. Единствено што може да се издвои е дека постојат компании кои доработуваат или естетски прилагодуваат веќе постоечки дизајни. Додека, ако зборуваме за компаниите кои продаваат часовници тогаш развиеноста е доста солидна бидејќи може да се најде богат асортиман на брендови на познати часовници.
Какви се твоите планови за во иднина?
Планирам да продолжам со активно творење и дизајнирање на часовници, со цел моите дизајни да допрат до што повеќе светски компании со кои би се отвориле нови можности за соработка. Мојот сон е во иднина да можам да изградам свој бренд преку кој дел од моите веќе постоечки дизајни би се преточиле во реалност.
Имам работено на повеќе проекти кои се однесувале на дизајнирање на само еден дел или неколку делови од часовникот – на пример стрелки, бројчаници, индекси и слично. Исто така изработувам и дигитални и рачни прикази на дизајни на часовници според претходно зададени насоки и барања од компаниите.






























