Гевгелиски рецепт за успех: Ефимија Вегова од личен предизвик креираше успешен козметички бренд

- Advertisement -

Серијалот претприемачки видео стории на „Иновативност“ овојпат нè однесе во Гевгелија, каде што од личен проблем со кожата се родила идејата за природна козметика, а потоа и успешен домашен бизнис.

Ефимија Вегова е основачка на „ЕФИ Натурал“, бренд кој своите производи ги создава исклучиво од природни состојки. Нејзината приказна започнува со сопственото искуство со проблемите со кожата, а интересот за природната козметика подоцна го надградува со стручно знаење на вишите студии за козметика во Белград. Првите производи ги создава во старата кујна на нејзината баба во Гевгелија. Од тие скромни почетоци, „ЕФИ Натурал“ постепено прераснува во бренд кој денес има клиенти ширум земјата.

- Advertisement -

За Ефимија, директната комуникација и едукацијата на потрошувачите се клучни за градење доверба. Со помош на социјалните мрежи, таа приказната за природната козметика ја пренесува и до оние кои никогаш не ја посетиле нејзината продавница.

Следниот предизвик е излезот на странски пазари. Првите чекори кон извоз во Грција веќе се направени, но за посериозен настап ќе бидат потребни поголеми производствени капацитети и подобро организирана логистика.

- Advertisement -

Во меѓувреме, Ефимија гледа потенцијал и во домашното производство на суровини, особено есенцијални масла од растенија кои виреат на нашето поднебје – можност која, според неа, може да биде интересна бизнис-прилика за младите.

Погледнете ја приказната за патот на „ЕФИ Натурал“, од личен проблем и старата кујна на една баба, до бренд со амбиција да излезе и на странски пазари.

- Advertisement -

Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, локално имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на медиумот и авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија, Фондацијата Метаморфозис или проектот SMS Facility.

- Advertisement -