Десет македонски компании, преработувачи на овошје и зеленчук, викендов ќе бидат дел од манифестацијата “Време е за зимница“ која има промотивен и продажен карактер. Сите граѓани ќе имаат можност да се запознаат со асортиманот на македонските производители, да ги дегустрираат нивните производи и да се снабдат со зимница по промотивни цени.
Настанот „Време е за зимница” ќе се одржи во сабота и недела, на улицата „Македонија“ во Скопје, пред платото на Дом на АРМ од 10 до 18 часот.
Како што соопшти денеска на прес-конференција извршниот директор на Македонската асоцијација на преработувачи (МАП) Сашо Ристевски, целта на манифестацијата е да ја да промовира домашната конзервна индустрија и да ја зголеми свеста кај потрошувачите на домашниот пазар за квалитетот на производите кои се повеќе се бараат како на странските, така и на домашниот пазар.
“Околу 80% од производството на домашните преработувачи на овошје и зеленчук оди во извоз и она што радува е дека се забележува тренд на пораст на цените и презнавање на квалитетот на македонските деликатеси. Расте побарувачката и на домашниот пазар и очекуваме дека со вакви манифестации ќе придонесеме кон подобро запознавање со асортиманот на македонските фабрики“, вели Ристевски.
„Време е за зимница” се организира со поддршка на Општина Центар и со Министерството за економија.