Хрватската народна банка веќе подготви стратегија за воведување на еврото како валута, а истата содржи анализа на користа и можните ризици од влегувањето во еврозоната. Со ова, националната хрватска валута – куна, би заминала во историјата.
Планирано е стратегијата да се објави кон крајот на овој месец. Евростратегијата ќе послужи како темел за јавна расправа за воведување на еврото која ќе биде официјално отворена од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Бугарија исто така аплицираше за влез во механизмот наречен ERM II со што и тие би го вовеле еврото како валута, но беше одбиена. Инаку секоја држава која влегува во ЕУ се обврзува да го воведе еврото како валута, но не постои рок во кој треба тоа да го направи, ниту пак е тоа еднострана одлука.
Доколку Хрватска успее да ги убеди земјите членки на ЕУ и Европската комисија дека може да го контролира јавниот долг и да го спушти за 60% во разумен рок, експертите проценуваат дека еврото би можело да стане официјална валута во Хрватска во 2022 или 2023 година.