Од Alphabet, компанијата-мајка која вклучува повеќе компании, меѓу кои и Google, размислуваат за инвестирање дури милијарда долари во Lyft, а според Bloomberg, парите би ги инвестирал самиот Google или инвестицискиот фонд на Alphabet, CapitalG. Lyft е компанија за споделување превоз слична на Uber и годинава го зголеми својот удел на пазарот искористувајќи ги проблемите во кои се наоѓа сега Uber.
Една од приоритетните цели на еден од соосновачите на компанијата, Џон Цимер, е да остане независен, а милијардата долари на Google би им овозможила финансиска независност без потреба за преземање. Иако претходно кружеа гласини дека Alphabet би можел да ја купи компанијата, сега станува збор само за инвестиција. Исто така, свежиот капитал на Lyft би му овозможил инвестирање во маркетинг, но и попусти за патниците и повеќе средства за возачите. Еден од плановите на Lyft вклучува и развој на автономни возила и на ова поле веќе соработуваат со Waymo, одделот на Alphabet задолжен за развој на автономни возила.
Lyft неодамна најави ширење во уште 32 американски сојузни држави и сега покриваат 94% од американската популација, што е раст од 79% пред ширењето. Компанијата има уште многу работа затоа што на пазарот и понатаму доминира Uber, кој зазема околу 70% од пазарот во САД,а ширењето на Lyft на меѓународни пазари можеме да го очекуваме во не толку далечна иднина.
(Zimo)