Дванаесет светски метрополи, меѓу кои Лондон, Париз, Лос Анџелес и Кејптаун, завчера постигнаа договор од 2025 година да се користат само автобуси со нула емисија на штетни гасови, а до 2030 година да формираат пространи површини без емисија на гасови од фосилни горива за да ја заштитат животната средина
Дванаесетте градови заедно имаат популација од 80 милиони жители и ќе го промовираат пешачењето, возењето велосипед и употрeбата на јавниот транспорт како заедничка мерка за постигнување на улици без гасoви од фосилни горива. Многу градови ги засилуваат мерките за намалување на загадувањето и за постигнување на целите од климатскиот договор во Париз во 2015 година.
„Загадувањето предизвикано од бензинот и возилата на дизел убива милиони луѓе во светот. Истите гасови предизвикуваат климатски промени“ изјави градоначалникот на Париз, Ен Хидалго.
Градоначалниците на градовите кои се дел од групата C40 бараат да се забави глобалното затоплување и велат дека од 2025 година натаму тие нема да користат автобуси на безнин или на дизел. Меѓу другите градови кои ја потпишаа иницијативата се Копенхаген, Барселона, Квито, Ванкувер, Мексико, Сиетл и Оукленд.
Површините со нула емисија на гасови ќе значат повеќе паркови, пешачки патеки и патишта каде што сообраќаат само електрични возила или возила на водород, но не е дефинирано колку ќе бидат големи тие површини.
Градоначалникот на Барселона, Ада Колау, изјави дека градот ќе додаде 165 хектари зелени површини во наредните години, ќе ги зголеми површините со велосипедски патеки и ќе ја намали употребата на приватни возила за една петтина.
(Independent)