Земјата е се повеќе загадена со вештачка светлина, а тој феномен го влошува новата технологија за производство на ЛЕД светилки со светлечка диода, покажува најнова анализа. Тоа го потврдува растот на светлосното загадување кое влијае на здравјето на луѓето, на животните и на растенијата. Научниците чија работа е објавена во магазинот Science Advances утврдија дека од 2012 до 2016 година осветлувањето на планетата се зголемува, и по количина и по јачина, за околу 2% годишно.
Светлосното загадување го има секаде на Земјата, предупредуваат авторите на студијата, пренесува ICTBusiness. Оваа студија е меѓу првите кои од вселената ги испитуваат ефектите на употребата на ЛЕД светилки, кои трошат многу помалку електрична енергија. Резултатите покажуваат дека заштедите се многу помали од очекуваното. Бидејќи ЛЕД светилките произведуваат иста количина светлина со помалку електрична енергија, експертите мислеа дека ќе се намалат трошоците на градовите за осветлување. Но, научниците заклучија дека заштедените пари се инвестирале во поставување повеќе расветни тела.
Тие се надеваат дека овие податоци ќе го свртат вниманието на бројните последици од прекумерната употреба на вештачка светлина врз природата ноќе. Се предупредува дека ЛЕД светилките емитуваат голема количина сина светлина, која уредите на сателите на НАСА користени во истражувањето не можат да ја забележат.