Презентирана Студија за социо-економското влијание на Пивара Скопје
Пивара Скопје годишно создава 44,6 милиони евра бруто додадена вредност за македонската економија. Компанијата придонесува со 21 милион евра во буџетот на земјата, што претставува 12 проценти од целокупниот данок од добивка за 2016 година. Ова се податоците од првата Студија за социо-економското влијание која денеска ја презентираше Пивара Скопје во Стопанската комора на Македонија.
На настанот, покрај менаџментот на Пивара Скопје, присуствуваа и премиерот Зоран Заев, заменик министерот за економија Кире Наумов, претседателот на Комората Бранко Азески, амбасадори и бизнис партнери на компанијата.
Целта на Студијата, која е прва од ваков вид во земјата, изработена според научна методологија од реномираната консултантска куќа Deloitte Sustainability Consulting, е на транспарентен, независен и објективен начин да се одреди и прикаже влијанието и значењето на Пивара Скопје во развојот на домашната економија и просперитетот на заедницата.
Според заменик министерот Наумов, Пивара Скопје со сите свои деловни операции, стимулира активности што се протегаат низ целокупниот синџир на активности, поддржувајќи голем број компании, кои пак, вработуваат, реализираат приходи и плаќаат даноци, со што се предизвикуваат позитивни ефекти во целокупната домашна економија.
Околу 6.000 лица, делумно или целосно, зависат од генерираниот личен доход во синџирот на Пивара. Компанијата обезбедува 13,7 милиони евра личен доход директно за своите вработени, како и индиректно, за вработените во своите партнери, добавувачи, што е еднакво на просечната месечна плата за 25.000 лица во земјата. Пивара Скопје соработува со 1.000 добавувачи, од кои годишно набавува стоки во вредност од 33,6 милиони евра. Компанијата соработува со повеќе од 13.000 бизнис ентитети во земјата со што активно придонесува за развој на повеќе од 15 витални сектори меѓу кои и земјоделството, трговијата, угостителството, туризмот и други.
„Формулата за ваквиот успех на компанијата не е никаква тајна. Тој е резултат на работата и залагањата на генерации посветени вработени, на квалитетот и интегритетот на нашите производи, на поддршката од двете глобални групации на кои им припаѓаме, Coca Cola HBC и Heineken, и секако довербата на потрошувачите на кои веќе 93 години им ги нусдиме омилените пијалоци“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ.
Тој посочи дека успехот на компанијата се должи и на силните партнерства со соработниците, бизнос партнерите, коморите, државата и потрошувачите и нагласи дека и во иднина ќе продолжат да вложуваат време, енергија и ресурси со што ќе придонесуваат за социо-економскиот развој и просперитетот на заедницата.
„Покрај влијанието што го има врз македонската економија, Пивара Скопје придонесува и за продлабочување на соработката во рамките на бизнис заедницата, како и со државните институции и со другите организации. Сметам дека и во иднина Пивара Скопје како лидер во домашната индустрија за производство на пијалоци, ќе продолжи да дава силен придонес за развојот на македонската економија, бизнисите и општеството во целина“, посочи претседателот на СКМ, Бранко Азески.
Посебен сегмент во Студијата е посветен на реализацијата на голем број значајни општествено одговорни платформи, и напорите за едукација и за подигање на свеста за теми што се исклучително важни за просперитетот на заедницата како пто се здравјето и безбедноста, активниот животен стил, умерената и одговорна консумација на алкохол, јакнењето на местото на жената во општеството, обезбедување чиста животна средина и други, што докажува дека одржливиот развој на заедницата е основниот принцип на дејствување на Пивара Скопје.