Дали знаевте дека може да се направи хартија од камен? Компанијата Karst Stone Paper од Австралија го прави токму тоа – произведува убави тетратки со хартија направена од 80%-90% искршен камен и 10% нетоксична смола за да се врзе каменот. Концептот е фасцинантен. Бидејќи во процесот не се користат влакна од дрвја, хартијата нема зрнеста структура. На неа може да се пишува лесно и лесно се сече со ножици, но тешко се кине и е водоотпорна, пишува TreeHugger.
Тешко е да се поверува дека е водоотпорна затоа што сите знаеме како водата може да уништи се што е напишано на парче хартија, но од Karst велат дека квалитетот на напишаното на нивната хартија и истрајноста ќе зависи од пенкалото и мастилото, не од хартијата.
Традиционалната индустрија за производство на хартија од дрвја е многу валкана, таа е четврто по ред најголем потрошувач на енергија во светот и е мнгоу голем загадувач на животната средина. За да се произведе само еден тон хартија потребни се дури 18 големи дрвја и 2.770 литри вода.
За разлика од тоа, за хартијата од камен не се користи вода во производството и искршениот камен, односно калциум кабронатот, всушност, е градежен отпад. Освен тоа, хартијата од камен може да се рециклира, да се претвори во друг производ или да се остави да се разгради за 9 до 12 месеци. Во споредба со обичната хартија, производството на хартијата од камен создава 60% помалку јаглерод диоксид.
Интригантниот концепт на компанијата Karst ќе ја промени индустријата за произвдство на хартија на подобро. Компанијата постои само неколку месеци, а веќе има продадено 11.000 тетратки. Кој не би сакал да проба како изгледа хартијата направена од камен?