Да создадеме образование кое ќе ги подготви децата постојано да учат и да се развиваат!

- Advertisement -

За само неколку месеци колку што г-н Бенџамин Перкс е прв човек на Уницеф во Скопје, има реализирано огромен број на активности насочени кон подобрување на благосостојбата на децата во Македонија што сигурно е знак за уште поголеми и поамбициозни активности во периодот кој следува. Со него разговараме на повеќе интересни теми

(Разговараше- Верица Јорданова)

 

- Advertisement -
  • Г-не Перкс, неколку месеци сте претставник на Уницеф за нашатата земја. Кои се вашите приоритети?

Во земјата се соочуваме со навистина големи предизвици. Ова е единствената земја на Балканот каде што расте стапката на смртност на децата помали од 1 година. Тоа е битен индикатор за доброто на децата на секое поле. Втората област во која ќе имаме многу работа е работата на патронажните медицински сестри, кои се многу важни за рано детектирање на евентуална попреченост во развојот на децата и насилство или запоставување на деца. Третиот приоритет е сите деца да посетуваат предучилишна настава. Треба да се знае дека 80%-85% од раниот развој на мозокот кај децата се одвива до 6-годишна возраст. Искуството покажува дека децата на возраст од 15 години кои посетувале предучилишна настава на возраст од 3 до 6 години, се година до две години понапред со развојот отколку тие што не оделе во градинка. Земјите каде што е мал процентот на деца кои одат на предучилишна настава ќе имаат лоши резултати на тестирањето PISA во средно училиште. Совладувањето на странски јазици, социјалниот и емотивниот развој на децата, дисциплината, истрајноста во учењето, сето тоа зависи од тоа што ќе научи детето пред да тргне на училиште.

Ние и презентиравме една идеја на вашата влада и дискутиравме за тоа како секое дете ќе може да оди на тричасовна бесплатна предучилишна програма на возраст од 3 до 6 години. Тоа е нашата цел за наредните неколку години. Ќе биде потребна поддршка за да се зацврсти и основното и средното образование за да се постигне потребниот квалитет на образованието, да се подобрат перформансите на наставниците, но и за да се осигураме дека во училиштата децата се стекнуваат со вештини потребни за 21 век!

- Advertisement -

За мене врвен приоритет е намалување на насилството, особено семејното насилство.  Податоците што ги имаме и направените истражувања покажуваат дека кај нас има најголема стапка на семејно насилство врз децата од сите земји на Балканот.

  • Зошто е толку мал процентот на деца кои посетуваат предучилишно образование? Како ќе се решава овој предизвик?

Мислам дека проблемот во земјата, а и во регионот е што родителите не се свесни за улогата на предучилишното образование во развојот на децата. Во половина од земјата децата не поседуваат предучилишно образование. Децата кои спаѓаат во најгорните 20% од семејствата според богатството имаат 100% поголеми шанси да одат на предучилишна настава отколку тие што се од семејствата во последните 20%. Вистина е дека градинките се скапи, но ние сакаме да обезбедиме бесплатни 3 часа настава за најдолните слоеви. Единствено ќе треба да се обезбеди простор. Не се потребни простории за администрација, за кујна, за спиење доколку станува збор за само 3 часа дневно. Освен постојните услуги за целодневна програма во урбаните средини, битно е да се преадаптираат училниците во основните училишта, каде што се намалува бројот на ученици, во простории за предучилишни активности. Тоа ќе бидат центри за ран развој на децата. Многу е битно да се користат постојните ресурси.

- Advertisement -
  • Споменавте за значењето на предучилишната настава и на иновативноста и претприемничкиот дух во повисокото образование. Забележувате ли некој напредок на тоа поле во Македонија или вие сте тие кои ја отворате таа тема?

Во изминатите 20-30 години се случи промена во образованието на глобално ниво. Луѓето сфатија дека деловите од мозокот одговорни за социјална и емотивна интелигенција се исто толку битни колку и конгитивните способности и коефициентот на интелигенција. Сите образовни системи во светот го имплементираат тоа знаење. Тоа е ново за сите, но многу е битно. Тоа е главно поради ширењето на неуронауката и комбинирањето на епигенетиката и психологијата. Така се доби една појасна претстава за тоа како функционира мозокот. Јавните установи, не само училиштата, се обидуваат да држат чекор со таквиот развој. Кога станува збор за училиштата, се прават напори да се развијат тие социоемотивни вештини на следните начини. Ние денес не знаеме каква работа ќе имаат нашите деца за 30 години отсега затоа што тие работни места не постојат денес. Наместо да ги учиме децата да паметат некои работи, треба да ги научиме континуирано да учат. Едно истражување на Универзитетот Стенфорд на професорката по психологија Карла Двек зборува за тоа како родителите можат да го развијат таквиот ментален склоп кај децата. Кога некој има фиксиран ментален склоп верува дека има таленти и наместо да учи, треба да го искористи талентот, додека кога некој има ментален склоп програмиран за раст знае дека најбитен е трудот. Вие како родители воопшто не му помагате на детето кое добило петка ако го пофалите дека е многу талентирано. Наместо тоа треба да му речете дека ја заслужило оценката затоа што многу се трудело. А ако дојде со најниска оценка, треба да му речете да размисли што згрешило и што може да направи за да ја подобри оценката. Истото важи и за училиштата. Тие се фоксуираат на талентите, но не и на развој на ментален склоп програмиран за раст. Ова е само еден пример.

Пред неколку години бев во посета на Универзитетот Харвард, еден од најпрестижните во светот кој е лидер по образованите политики. Таму се е фокусирано на развојот на растечкиот ментален склоп. Не зборуваме за наставната програма и квалитетот на професорите. Станува збор за тоа како образованието може да создаде луѓе со отворен ум, а добриот професор знае како да ги развие сите области од мозокот. Ова е само еден пример за значењето на социоемотивниот развој на детето, иако има цела низа карактеристики како оптимизaм, мотивација, љубопитноста, самоконтрола, истрајност, интегритет, понизност, благодарност кои се градат со ваквиот развој. Тоа е комбинација од инструментални, интелектуални, тековни и етички вештини. Овие вештини треба да бидат најбитни за да се одгледаат деца со претприемачки дух и креативност кои се потребни за економијата на знаењето, а вредностите кои ќе ги стекнат се тие кои треба да се вгнездат во општествата од иднината.

  • Како УНИЦЕФ помага да се развива таквиот ментален склоп?

Неделава во Скопје се одржува конференција на која експерти од целиот свет ќе зборуваат за тоа како се гради карактерот на децата во училиштата. Доколку владата е согласна и има интерес за пилот-проекти, ние ќе ја дадеме нашата поддршка. Како агенција на Обединетите нации ние не спроведуваме реформи, туку ги подржуваме владите во тој процес. Некогаш можеме да промовираме одредени рефроми, но главно сме тука за да ја поддржиме националната агенда на земјата за реформи. Затоа сме дипломати и нашата улога е да им помагаме на земјите.

  • Со оглед на тоа дека зборуваме за улогата на образованието во градење личности псремни за промени, според Вас кој европски образовен систем е најдобар во поглед на креативноста и развојот на растечкиот ментален склоп?

Меѓу европските земји кои се најдобри на тоа поле е Финска. На светско ниво такви се Јапонија, Јужна Кореја, Естонија. Од бившите југословенски земји Словенија се наоѓа на 16-то место од вкупно 70 земји на листата на PISA. И Канада е една од земјите што имаат добри резултати на тоа поле. Слушав предавање на професорка која постигнува одлични резултати. Почнала со работа во некое село и своето предавање го адаптирала на децата и на начинот на кој тие учат преку иновации. Мислам дека во своите часови вклучила игри. Таквата креативност е потребна во модерниот образовен систем. Тоа се случува и во Финска.  За време на одморите меѓу часови во Финска професорите се среќаат и дискутираат за тоа што се случило на часовите и што научиле. Таа дискусија е непрекината и постојано самите професори учат како да им предаваат на децата. Универзитетот на Мелбурн направи темелно истражување на образовните системи од светот во периодот од Втората светска војна до 2020 година за тоа што функционира, а што не. Има само една работа што е навистина битна, а тоа е квалитетот на образованието, компетентноста на наставниците и професорите. Родителите пак се жалат за квалитетот на објектите, за домашните задачи за децата или на униформите, но она што не може да се види е најбитно, а тоа е квалитетот на образованието. Тоа може да се постигне не само со наоѓање добар кадар, туку со креирање систем кој ги мотивира, инспирира и ги наградува најдобрите.

  • Еден од големите проблеми во училиштата е насилството. Родителите се загрижени поради тоа и поради се поголемата употреба на технологија во секојдневниот живот на децата, кој знаеме дека е полн со насилни содржини. Има ли решение?

Најголем дел од насилството во светот се случува во домот. Кога ќе видиме деца кои насилнички се однесуваат на училиште, знајте дека тоа е резултат на ситуацијата дома. Кога зборуваме за насилство, има 10 типови насилство. Тука спаѓаат различни типови физичко насилство, тепање, сексуална злоупотреба, како и емоционалното и физичкото запоставување. Потоа постои дисфункционално семејство каде што еден родител е зависник или таткото е насилен наспрема мајката. Тоа го оформува однесувањето на децата на неколку начини. Ќе наведам само некои од нив. Најпрвин, неуробиолошките и ендокринолошките ефекти се: покачено ниво на хормонот кортизол кај децата, а тоа влијае на делот од мозокот кој предизвикува жед за опасност, преземање ризици, а делот од мозокот кој овозможува соработка и учење е исклучен. Емоционалната запоставеност е најголемиот проблем. Има два типа емоционална запоставеност. Кога таа запоставеност е постојана и детето не чувствува љубов, а вториот тип е неконзистентна запоставеност, односно детето не знае дали родителите го сакаат или не. Тоа се случува во првата година од животот. Кога децата живеат во една средина каде што воопшто не владее љубов кај нив се создава таканаречена празнина за приврзување за другите, односно тие си се доволни сами на себе. Тоа се децата кои потоа се однесуваат насилнички. Децата, пак, кои живеат во семејство со неконзистентна љубов потоа во животот се однесуваат хаотично, имаат потреба да бидат сакани и стануваат зависни од други луѓе. Тие имаат подобро мислење за другите отколку за себеси и не сметаат дека заслужуваат љубов, па стануваат жртви на насилство, се приклучуваат на терористички организации, етнонационалистички или криминални групи затоа што најлесно се регрутираат. Според психологијата, првата група се околу 20% од популацијата, додека втората изнесуваат околу 15%.

Родителите често ме прашуваат какво влијание имаат врз децата видеоигрите кои содржат насилство. Секогаш им одговарам дека доколку децата се опкружени со љубов првата година од животот и во првите неколку години попримиле силни вредности од родителите, тогаш не е битно колку насилство гледаат онлајн и нема да станат насилни, освен ако немаат други ментални проблеми.

Разговарав со форензички психолог од Универитетот Нотингем, кој се среќава со такви случаи. Тој вели дека еден од негативните ефекти за децата кои немаат проблеми со насилство дома е дека нема толку да бидат сочувствителни со тие што трпат насилство и нема да интервенираат. Генерално гледано, на глобално ниво се намалува степенот на насилство.

Мислам дека Интернетот и социјалните медиуми не нанесуваат штета на децата, туку проблем е начинот на кој децата ги користат. Денес родителите се загрижени што децата постојано се на Интернет, а нашите родители се грижеа затоа што ние слушавме рок, нивните родители затоа што тие слушале Битлси итн. Секогаш проблемот се новите медиуми кои со себе носат некои ризици. Првиот е зависноста. Децата треба да имаат балансиран живот, да бидат љубопитни за  спорт, за други активности. Како што растат и во тинејџерските години веројатно многу ќе го користат Интернетот затоа што главната грижа на девојчињата од 11 години и на момчињата од 12-13 години е што мислат нивните пријатели за нив. Деведесет проценти од децата имаат пристап до Интернет, а само 10% од нив користат Интернет само во присуство на родителите. Тука се јавува проблемот со таканаречен груминг, педофили кои се преправаат дека се деца и ги залажуваат децата на Интернет со цел да имаат сексуален однос. Тоа не е постојан ризик, но не е дека не постои. Втората пострашна работа е малтретирањето на врсниците на Интернет. Разликата меѓу тоа матретирање и насилството кое го трпеа децата порано е што тогаш можеа да го игнорираат, но денес нема каде да се сокријат од притисокот.

Во целата ситуација, многу е битно и постојано отворено да зборувате со децата и да им посочите на потенцијалните ризици. Тоа повторно е поврзано со социоемоционалната интелигенција. Доколку на детето уште од мало му се гради самодовербата и се учи добро да расудува, кога ќе стане адолесцент многу помалку ќе биде изложено на таква опасност. Најбитно децата да ги научите да бидат самостојни, а не да им го контролирате секој чекор.

Сподели!
- Advertisement -