Приказната на Archi Play ја започнал брачниот пар од Србија, Билјана и Братислав Бранковиќ, а заедно студирале и архитектура. Заедно дошле до иновативната идеја – архитектура за деца која на малечките им овозможува игра и развивање на апстрактното и просторното размислување.
Тие раскажуваат дека идејата се родила додека и двајцата биле ангажирани како соработници во наставата на Архитектонскиот факултет во Белград и добиле понуда да смислат креативна работилница за деца. Полека почнале да смислуваат голем број прототипи и алатки за работа со деца и набргу сфатиле дека имаат доволно материјали за да креираат производ.
Првиот производ го произвеле во 2012 година, archipattern – сет од шаблони за цртање, а веќе пристигнувале и првите нарачки за сетот и тоа од Словенија.
„Дефиниравме што точно сакаме да постигнеме со брендот, а тоа е преку игра и без оптеретување да ја развиваме детската просторна логика, смисолот за естетика и апстрактното размислување.“, вели Билјана.
Кратко потоа следел и вториот производ, archiconstructor или сет од плочести дрвени елементи и стапчиња кои им ја развиваат креативноста на децата и им овозможуваат да се изразат на нов и интересен начин.
Комерцијализацијата започнала од 2014 година, а побарувачката за овие креативни производи оттогаш значително се зголемила. Покрај производите, се јавила и потребата да се креираат упатства за играчките бидејќи родителите првпат се соочувале со ваков тип на играчки за деца, иако на креативните деца упатствата не им биле неопходни за да можат да создаваат. Archi Play веќе нуди и тематски сетови кои може да се комбинираат и се меѓусебно компатибилни.
Официјално решиле да го регистрираат бизнисот во август 2016, а веќе работат во свој погон каде ги произведуваат играчките. Го минале и процесот за набавување на потребните сертификати кои ќе им овозможат да ги пласираат производите и на странски пазари.
„За да излеземе на странски пазар, производот мора да исполнува стандарди за квалитет и естетика кои се поставени од ЕУ. Нашиот план е дистрибуција низ Скандинавија, средна и источна Европа. Во процес сме на истражување на овие пазари, адаптирање на амбалажата и содржината. За да се добие пак европскиот сертификат, потребно е и испитување во странски лаборатории на производот.“, објаснува Братислав.
Производите ги промовираат преку својата веб страница и страница на Facebook. За почеток, производите се достапни само низ неколку продавници во Белград, а наскоро ќе ја прошируваат мрежата низ Србија. Играчките можете да ги разгледате на нивната веб страница Archi Play.