Во 2017 година брзорастечкото огласување на Интернет за прв пат успеа да генерира повеќе приходи отколку традиционално најсилниот медиум – телевизијата.
Според податоците на истражувачката куќа Magna во сопственост на маркетинг компанијата IPG Mediabrands, 2017 година била пресвртна за огласувачката индустрија. За прв пат оваа година e забележано дека компаниите од целиот свет вложиле повеќе пари во дигиталното отколку во телевизиско огласување. Се случи пресврт кој беше предвиден во текот на изминатите неколку години.
Дигиталното рекламирање е во пораст од почетокот на оваа деценија. Во 2010 година околу 62,5 милијарди долари беа инвестирани низ целиот свет, по што следуваше вртоглав раст. Така, минатата година дигиталното огласување вредеше околу 178 милијарди долари во приходи. За тоа време телевизиското огласување од 157 милијарди долари се искачи на 182 милијарди долари, па во 2016 година речиси дојде до изедначување на овие два сектори.
Но, проценките за 2017 година покажуваат дека онлајн огласувањето пораснало на речиси 209 милијарди долари, додека ТВ огласувањето останало на истото ниво како претходната година, па дури и малку се намалило. Следната година ТВ огласувањето повторно би требало да биде на ниво како во 2016 година, додека дигиталното огласување, најверојатно, ќе продолжи да расте за околу 13%.
Моментално онлајн огласувањето изнесува 41% од светскиот рекламен пазар, а ТВ држи 35%. До 2020 година дигиталните реклами треба да надминат 50% од уделот на пазарот.
(Marketing365)