Јавниот превоз во Скопје повторно бесплатен како мерка против загадувањето

- Advertisement -

Јавниот превоз во Скопје повторно е бесплатен од денес поради високото аерозагадување, соопшти на прес-конференција градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, додавајќи дека ќе се зголеми и фреквенцијата на автобусите, а мерката ќе трае додека не се намали загадувањето во градот, пишува Радио МОФ.

Се прекинуваат сите градежни активности на градилиштата кои се под надлежност на Град Скопје, а Шилегов ги повика и останатите скопски градоначалници да го направат истото. Меѓу другите мерки, градоначалникот информираше и дека ги задолжил надлежните институции на зголемено чистење на градските улици и булевари, зајакната контрола на фирмите кои доставуват стока, зголемување на инспекциските надзори на субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла, барање до МВР за забрана на транзит на тешки товарни возила низ Скопје и зачестени контроли на издувните гасови на возилата во сообраќајот.

- Advertisement -

Шилегов упати апел и до граѓаните да го користат јавниот превоз наместо своите автомобили и тоа да премине во навика, а за затоплување да не се користи отпад, гуми, прегорено масло, пластика и останати синтетички материјали.

Претходно Владата соопшти дека ги активирала итните мерки за ублажување на последиците од аерозагадувањето во градот Скопје, со кои се задолжуваат надлежните институции, покрај бесплатниот јавен превоз и да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата со хронични болести и оние кои имаат над 60 години, пренасочување на тешките товарните возила кои транзитираат низ Скопје на обиколницa, забрана за одржување спортски активности на отворено, дневно чистење на улиците, како и обврска за градежните компании да користат вода за намалување на градежната прашина.

Сподели!
- Advertisement -