НБРМ издаде едукативни брошури за финансиска писменост за млади

- Advertisement -

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) изготви две едукативни брошури на следниве теми: „Патување во светот на парите“ и „Водич за финансиска едукација“, наменети за младата популација во државата.

Публикацијата „Патување во светот на парите“ ќе придонесе младите да се информираат и да научат нешто повеќе за парите како важен дел од нашиот секојдневен живот, за историјата на парите, нивното потекло и нивната употреба во сегашноста, карактеристиките, функциите и формите на парите и нешто повеќе информации за националната валута на Република Македонија. Публикацијата „Водич за финансиска едукација“ ќе помогне попаметно да управуваат и како одговорно да ги трошат парите, како да управуваат со приходите, кои се предностите од штедењето и што претставува буџет.

- Advertisement -

Целта на издавањето на овие едукативни публикации е да им се помогне на младите граѓани да донесуваат здрави финансиски одлуки уште од рана возраст. Управувањето со парите се најзастапените форми на лични финансии и ја опфаќаат секоја група граѓани, почнувајќи од децата и младите. Заштедите може да помогнат во постигнувањето одредени финансиски цели, без разлика дали тоа ќе значи плаќање годишна школарина, купување нова компјутерска или спортска опрема, а притоа без да се дојде до состојба на барање заем.

Брошурите претставуваат мали практични водичи, достапни на македонски и на албански јазик, во кои се објаснува историјата на парите, коишто овозможуваат стекнување општа финансиска писменост на лесно разбирлив и едноставен начин.

- Advertisement -

Брошурите се дел од активностите спроведени во рамките на Проектот за финансиска едукација на Народната банка и ѝ се достапни за јавноста во електронски формат на официјалните интернет-страници на Народната банка: www.nbrm.mk и на ЕФСЕ: www.efse.lu, како и на социјалните мрежи, и на следниве интернет-врски:

  1. „Патување во светот на парите“
  2. Водич за финансиска едукација

Брошурите може да се најдат и во печатена верзија во просториите на Народната банка.

Сподели!
- Advertisement -