Pragma Industries стана првата компанија во светот која почна индустриско производство на велосипеди на водород за комерцијална и градска употреба. Компанијата има седиште во Биариц, Франција и веќе има 60 нарачки за велосипедите од некои француски градови како Сен Ло, Шербур, Шамбери и Бајон. Иако велосипедите се премногу скапи за комерцијалниот пазар, се очекува цената да се намали од 7.500 на 5.000 евра, додека станиците за полнење чинат 30.000 евра.
„Многу компании имаат прототипови на велосипеди на водород, но ние сме првите кои почнуваме сериско рпоизводство“ вели основачот на Pragma, Пјер Форте, пренесува Inhabitat.
Велосипедите Alpha на Pragma можат да поминат 100 километри со само 2 литри водород. Иако досегот е ист како кај електричните велосипеди, времето за полнење е значително помало – додека традиционалните електрични велосипеди се полнат 2 часа, велосипедите на водород се полнат за само неколку минути.
Pragma има два вида станици за полнење – едните вршат хидролиза на водород за да генерираат гориво на лице место, а другите, поевтините, користат боци со веќе готов водород. Поради високите трошоци Pragma моментално ги рекламира своите велосипеди за поголема комерцијална употреба како јавни велосипеди за изнајмување, корпоративни велосипеди, градски велосипеди или велосипеди за достава. Откако минатата година произведе 100 велосипеди, Pragma се надева дека годинава ќе продаде уште 150 во земји како Норвешка, САД, Шпанија, Италија и Германија.