Компанијата Kino-mo на годинашниот саем CES во Лас Вегас го претстави својот нов производ под називот Hypervsn, кој овозможува појава на холограми во воздух какви што можеа да се видат во првиот филм „Војна на ѕвездите“. Може да се каже дека нивните холограми се поквалитетни од тие во филмот, но малку заостануваат зад оние кои неодамна ги видовме во филмот „Blade Runner 2049“.
Како што пишува Vidi.hr, Hypervsn холографските екрани се базираат на едноставно и евтино решение со ЛЕД технологија, односно холопроектори кои делуваат како пропелери и се поставуваат на ѕидови. Откако ќе се вклучат „пропелерите“ во воздухот се појавуваат треперливи 3Д предмети кои изгледаат како да летаат во воздухот, иако не станува збор за вистински холограми.
Од Kino-mo веруваат дека Hypervsn ќе го користат маркетинг агенциите кои на своите клиенти ќе им понудат нова генерација огласи, а технологијата може да се скалира за прикажување во помали или поголеми величини. Покрај тоа, нагласуваат дека ваквите холо-огласи се видливи и при силно светло, па може да се поставуваат во секакви простории и ќе бидат видливи од поголемо растојание.
Покрај тоа, системот може да се поврзе со Bluetooth со разни гаџети, па корисниците можат да прикачуваат холограми и со нив да управуваат безжично со своите паметни телефони, таблети и преносни компјутери.