Природните богатства и претстојното отворање на центарот за промоција и изложба на вино, храна и туризам ќе му овозможат на Росоман да развива агротуризам, најави денес директорката на фондацијата „Тиквешки вински пат“, Виолета Јанкова.
Центарот, информира Јанкова за МИА, ќе биде отворен во рамките на проектот за прекугранична соработка со Грција преку ИПА програмата, вреден над 500.000 евра.
„Во наредните две години ќе организираме низа обуки за користење на земјоделските производи во функција на развој на агротуризмот. Овде туристите ќе можат да видат како се приготвуваат традиционални јадења карактеристични за ова поднебје, да ги посетат трите локални винарии, да имаат часови во природа и релаксирачки активности“ изјави Јанкова.
Центарот, кој е главна придобивка од пограничниот проект „Тера вино“, ќе служи и за организирање настани и промоции.
(МИА)