Продажбата и производството на пластичните стапчиња за чистење на уши ќе бидат забранети со новиот план на шкотската Влада. Одлуката доаѓа поради загриженоста од бројот на стапчиња кои завршуваат на плажите како отпад, известува BBC.
Неколку производители веќе преминаа кон производство на стапчиња за чистење на уши од дрво и памук, но пластичните уште се продаваат. Пластичните стапчиња за чистење на уши се меѓу десетте најчести видови пластичен отпад кој завршува на плажите и во водите. Предлогот да се забранат ќе се разгледува и ќе помине јавна расправа.
„Забраната на пластични стапчиња е јасен знак за нашата амбиција да го решиме проблемот со отпадот кој завршува во водите и да покажеме посветеност за ова прашање.“, изјавила министерката за животна средина, Росеана Канингам.
Во 2017 година, фармацевтската компанија Johnson & Johnson стана првата голема компанија која се обврза дека веќе нема да производува вакви стапчиња од пластика.
Иницијативата Cotton Bud Project заедно со Marine Conservation Society собираат по 29 пластични стапчиња на 100 метри површина. Тие ја поддржуваат најавената забрана и сметаат дека чекор по чекор може да се решава проблемот со преголемите количина на пластичен отпад кои се опасни по водениот свет, но и по човекот.