На крајот на минатата година, повеќе од дваесет и пет држави се обврзаа да престанат да користат енергија добиена од централите на јаглен најдоцна до 2030 година. Но Франција реши уште повеќе да ја намали границата и да престане да користи ваков тип на енергија до 2021 година, пренесува Global Citizen.
Овој план беше најавен од претседателот на државата, Емануел Макрон, за време на неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Тој уште додаде дека сака Франција да стане модел во борбата против климатските промени.
Експертите велат дека планот на Макрон е реален бидејќи само 1% од струјата која ја користи државата доаѓа од централите на јаглен, додека пак 75% е нуклеарна енергија. Останати држави се многу позависни од енергијата добиена од јаглен. Во САД, 30% од енергијата е од јаглен и 34% од природен гас, додека пак во Кина 72% од струјата доаѓа од јаглен.
Поради Парискиот договор за климатски промени, повеќе држави се обидуваат да ги следат чекорите на Франција, а обврската која Макрон си ја зададе можеби ќе ги инспирира и останатите лидери да ја направат транзицијата. Трендот на опаѓање на цените на обновливата енергија продолжува поради што се очекува дека ќе следуваат и повеќе инвестиции на глобално ниво.