Американската амбасада во Македонија го објави повикот за учество во Young Transatlantic Innovation Leaders Initiative YTILI, програма за професионален развој која поврзува претприемачи и лидери во Европа и САД.
Проектот ќе им овозможи на 70 млади европски лидери да учествуваат во активности за професионален развој и лидерски способности, а неговата имплементација е поддржана од The German Marshall Fund of the United States.
Инаку, иницијативата за млади иновативни лидери беше лансирана во 2016 година и е наменета за претприемачите, кои се движечка сила на економскиот развој, креирањето работни места, безбедност и добро владеење во Европа. Преку програмата на претприемачите им се нудат алатки, вмрежување и ресурси со кои тие ќе ги претворат своите идеи во акција.
Претприемачите кои ќе бидат селектирани за учество во програмата ќе поминат десет дена во САД, каде што преку обуки и работилници ќе се запознаат со експерти и ментори од бизнис секторот, непрофитните организации и владините институции. На крај, програмата ќе биде заокружена со самит во Вашингтон. Целосната програма ќе трае од април до декември 2018.
Аплицирањето трае од 29 јануари до 3 март 2018 година, а може да се аплицира на следниот линк: https://share.america.gov/ytili/#fellowship