Шест изјави од Давос кои откриваат многу за иднината на образованието

- Advertisement -

Иднината на работењето ќе биде многу поинаква бидејќи автоматизацијата и вештачката интелигенција ќе предизвикаат многу од мануелните и повторливи работи да заминат во минатото. Ова беше една од најпопуларните теми и на Светскиот економски форум кој заврши пред неколку дена во Давос, Швајцарија каде беше предложено започнување на т.н. револуција на вештини.

Експерти, бизнисмени, научници, активисти и политичари понудија свои препораки за тоа што треба да направи човештвото при соочувањето со автоматизацијата и роботизацијата, а многу од нив се однесуваа на образовните реформи. Еве неколку изјави за тоа што треба да направиме за да осигураме дека ќе имаме работа во иднина.

- Advertisement -

„Доколку не го промениме начинот на кој ги учиме децата, за триесет години ќе бидеме во вистинска неволја.“, рече Џек Ма, основачот на Alibaba Group, кинескиот гигант за е-трговија. Тој додаде дека пристапот кој се темели на усвојување информации е од пред 200 години и ги оневозможува нашите деца да се натпреваруваат со машините. Децата треба да ги научиме на меки вештини како независно размислување, вредности и тимска работа, заклучи тој.

- Advertisement -

„Сѐ што е рутински и повторливо ќе биде автоматизирано.“, кажа Минуш Шафик, директорката на London School of Economics, која зборуваше на панел исто така за важноста на меките вештини и на креативноста. Вештините за истражување, способноста да се пронајдат информации, да се синтетизираат и да се создаде нешто од тие информации ќе бидат клучни.

„Мораме да ја промениме перцепцијата за хуманистичките науки. Многу често луѓето ги ставаат во различни фиоки природните и општествените/хуманистичките науки, но ова не е правилно. Хуманистичките науки се највисокиот израз на љубопитноста и креативноста на човештвото.“, изјави Фабиола Џианоти, генерална директорка на CERN. Иако таа е жената која раководи со големиот хадронски колајдер, вели дека музиката е еднакво важно и колку математиката. Таа додаде дека нејзините студии во хуманистички науки и музика придонеле кон создавање на научникот кој таа е денес, исто толку колку што придонело и студирањето физика.

- Advertisement -

„Мојата позиција на премиер не вклучува програмирање, но разбирањето како алгоритмите функционираат и разбирањето на науката се многу важни.“, кажа Џастин Трудо, премиерот на Канада. Тој зборуваше за важноста на образованието во подготовката на државата за Четврттата индустриска револуција. Додаде дека образованието има многу поголема улога отколку опремување на луѓето за работните места во иднината.

„Образованието е она што може да го скрши кругот на сиромаштија и опресија.“, тврдеше Шинед Бурк, личност со мал раст која доаѓа од Ирска и зборуваше на сесија за тоа како да ја прифатиме инклузивноста.

„Отсуствувам од денови во училиште понекогаш за да ја потенцирам важноста на образованието за жените и девојчињата.“, кажа Малала Јусафзаи опишувајќи една своја средба со девојче бегалец од Сирија. Девојчето рекло дека сака да стане архитект бидејќи кога заминала од Сирија ја видела својата држава во рушевини, па сакала еден ден да се врати за да ја изгради одново. Малала кажа дека не може да овозможи училиште за секое девојче, но може да се труди секојдневно да им овозможи образование на колку што е можно повеќе девојчиња со тоа што ќе ги потсетува луѓето од бизнис секторот, од владите, од невладините организации да инвестираат во образование за девојчиња.

Сподели!
- Advertisement -