Стартуваше проектот за подобрување на конкурентноста на малите и средни претпријатија преку иновации

- Advertisement -

Денес, во хотелот Холидеј Ин, со промотивна конференција, официјално започна имплементацијата на проектот „Подобрување на конкурентноста на малите и средни претпријатија преку развој на капацитети за иновации“, финансиран од ИПА програмата на Европската унија.

Проектот кој ќе биде имплементиран од страна на партнерските организации Фондација за Претприемачки сервис за млади, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и АРК Фонд од Бугарија се стреми да придонесе кон креирање на силна иновациска клима во државата преку промовирање на концептот на иновативни бизниси.

Домашните компании треба да ги подобрат капацитетите за иновативност на која мора да се фокусираат за да се подготват за конкурентскиот европски пазар. Тие аплицираат, но не добиваат финансии од Инструментот за мали и средни претпријатија преку европската програма Хоризонт 2020.

- Advertisement -

Преку проектот ќе се спроведат неколку активности кои ќе опфаќаат обуки и работилници, онлајн курсеви за иновациски менаџмент, но и креирање на нови инструменти и методологии за зајакнување на конкурентноста на малите и средни претпријатија кои тешко доаѓаат до средствата од европските фондови за да можат да развиваат иновации.

„Компаниите аплицираат, постои интерес но секогаш се тука некаде до прагот, па ние преку нашата програма ќе видеме кои се тие мали недостатоци кои треба да се надминат. Може да аплицираат за три фази, првата до 50 илјади евра, втората до милион евра и третата фаза е фаза на иницијализација. Значи постојат можности.“, изјави Александар Филиповски, проект менаџер од Фондацијата ПСМ.

- Advertisement -
Фото- МИА

Партнерот во проектот од Бугарија, АРК Фондот ќе има улога да ги пренесе своите позитивни искуства, лекции кои ги има научено и методологии на македонските мали и средни претпријатија кои ќе се пријават во проектот. Даниела Чомкова која доаѓа од АРК Фондот раскажа за искуствата на бугарските претпријатија во користењето на фондовите, укажувајќи дека пред влезот во ЕУ, фокусот бил ставен на градење на домашните административни капацитети за користење на структурните фондови од кои сега им се на располагање низа програми, меѓу кои и оперативната програма за конкурентност и иновации за мали и средни претпријатија и за кластери.

„Фирмите треба да се фокусираат на иновативноста за да ја подобрат конкурентноста затоа што е многу тешко да се натпреваруваат на европскиот пазар. Успехот што го гледаме кај некои компании се должи на тоа што настапуваат со специфични услуги и радикални иновации.“, потенцира Чомкова.

- Advertisement -

Со проектот е предвидено да се креира мобилна апликација за технолошки трансфер која ќе ги информира компаниите за понудата и побарувачката на иновативни технологии. Беше најавено и лансирање на иновативна лабораторија наречена ИноЛаб која ќе им овозможи на студентите и младите да работат и развиваат иновативни идеи, а ќе се иницира и воспоставување на Национална награда за иновации или Innovation Enterprise Award која годишно ќе им се доделува на најиновативните компании.

Проектот ќе се спроведува една година и половина и за него се обезбедени 100 000 евра. Информации за аплицирање за учество во проектот ќе бидат објавени наскоро на веб страницата на Фондацијата ПСМ на следниов линк.

Сподели!
- Advertisement -