„Младите и иновациите“ – настан во рамки на „Ноќ на идеите“ на Машински факултет Скопје

- Advertisement -

Денес на Машинскиот факултет во Скопје во 18 часот ќе се одржи предавање и дебата на тема „Младите и иновациите“ што се организира во рамките на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“, на иницијатива на Францускиот институт во Париз, пишува Радио МОФ.

Организатор на настанот е Францускиот институт во Скопје, од каде најавуваат дека учесник ќе биде Оливје Крузе, педагошки директор на Школата 42, кој ќе ја претстави оваа високообразовна установа, како и дигиталната трансформација во образованието, а ќе го претстави и најголемиот европски стартап инкубатор Станица Ф.

Покрај Крузе, најавена е видео презентација од Волхан Салаи, единствениот студент од Македонија на Школата 42, но и Радмил Поленаковиќ, професор на Машинскиот факултет во Скопје, кој ќе ја изложи ситуацијата на полето на иновациите на домашен план, и Кристијан Данаиловски, ко-основач на најголемата македонска компанија за анимации и визуелни ефекти, FX3X.

- Advertisement -

Модератор на дебатата ќе биде Александар Стамболиев, претседател на Фондацијата „Проф. Д-р Димитар Стамболиев“, а настанот ќе го отвори францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

„Ноќта на идеите“ се организира во соработка со Машински факултет, Факултет за електротехника и информациски технологии, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство и Фондација „Проф. Д-р Димитар Стамболиев“. За настанот е предвиден симултан превод.

Сподели!
- Advertisement -