Кинеската полиција сега има ново оружје во борбата против криминалот – очила со вградена технологија за препознавање лице. Според локалните медиуми, очилата се тестираат на железнички станици во градот Женгжу, каде што ќе се користат за скенирање на патниците во текот на годишната миграција на луѓето во периодот на Лунарната нова година, пишува The Verge.
Ова е период кога луѓето се многу активни. Миграцијата по повод Лунарната нова година се смета за најголема на Земјата. Од полицијата велат дека очилата веќе им помогнале да фатат седуммина осомничени за неколку големи криминални дела, како и 26 луѓе кои патувале под лажен идентитет.
Очилата се последниот технолошки додаток во технолошки напредната Кина. Во изминатите неколку години земјата инвестираше доста во напредни технологии за надзор, развој на вештачка интелигенција за идентификација и дигитално следење на поединци низ градовите. Според една проценка, во земјата до 2020 година ќе има повеќе од 600 милиони CCTV камери.
Еден од предизвиците за софтверот за препознавање лице се проблемите кога работи со CCTV затоа што сликата е заматена и додека се идентификува целта можеби веќе избегале осомничените. Очилата, пак, им овозможуваат на полицајците за идентификуваат секого и секаде. Очилата се контролираат со конектирана мобилна единица и се продаваат по цена од 636 долари. Според компанијата која ги направи, LLVision, очилата ќе можат да препознаваат луѓе од претходно внесена датабаза од 10.000 осомничени за само 100 милисекунди, но прецизноста во реални услови може да зависи од нивото на бучавата одоколу.