Користењето мобилен телефон при возење е голем ризик фактор за безбедноста во сообраќајот

- Advertisement -

Ризикот од сообраќајна незгода е четирикратно поголем доколку се користи мобилен телефон за време на управување со моторно возило. Токму заради овој факт, кампањата „Јас внимавам” која своите активности ги насочува кон зголемувањето на јавната свест за поголема безбедност во сообраќајот, овој месец ги потсетува возачите на забраната за употреба на мобилен телефон додека учествуваме во сообраќајот. За таа цел, иницијаторот на кампањата, компанијата ОКТА, ги наградуваше совесните возачи со вредносни ваучери за гориво по спроведената контрола од страна на Министерството за внатрешни работи на возила по случаен избор за почитување на сообраќајните правила и прописи, вклучително и некористење мобилен телефон.

Во промовирање на целите и пораките на кампањата, како заштитно лице овој месец со своја поддршка се вклучи актерката Амернис Нокшиќи Јовановска, која изјави „Одговорноста за безбедни сообраќајници ја носиме сите учесници во сообраќајот, и токму затоа е потребна повисока свесност за последиците. Ова важи, исто така и за пешаците кои честопати поминуваат улица гледајќи во мобилниот. Користењето мобилен телефон поради брза размена на податоци може да биде кобно, и затоа да ги оставиме мобилните на страна, а пред нас да ја имаме безбедноста.“

- Advertisement -

Националната кампања „Јас Внимавам“, целејќи кон создавање побезбедни сообраќајници, во текот на целата година спроведува активности преку кои ги потсетува и едуцира граѓаните какви и колкави се последиците доколку не се почитуваат сообраќајните правила и прописи. Секој месец со помош на јавните личности кампањата апелира за потребата од доследно почитување на најчесто прекршуваните правила и прописи како што се возење со препорачана брзина, забрана за возење во алкохолизирана состојба, користење соодветна зимска опрема, користење заштитен појас.

Покрај тоа, компанијата ОКТА секој месец ги наградува совесните возачи, а дел од своите активности ги посвети и на едукација на младите преку донација на едукативни сообраќајни полигони во основните училишта, како и изведување театарска претстава на тема безбедноста во сообраќајот и дистрибуција на боенки. Заради сериозноста на темата и потребата од акција, досега кампањата доби голема поддршка како од голем број јавни личности, така и од граѓаните кои ги поддржуваат целите на овој проект.

- Advertisement -

Кампањата „Јас внимавам“ ја доби наградата за Најдобра општествено одговорна практика за 2017 година на манифестацијата Национална награда за најдобри општествено одговорни практики на домашните претпријатија, организирана од Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија.

Сподели!
- Advertisement -