Вината „Аминта“ и „Ркацители“ на винаријата „Стоби“ освоија еден златен и еден сребрен медал на Меѓународниот натпревар за квалитет на вината „Мундус вини“ што се одржува во Германија.
Со највисоко признание се закити виното „Аминта“ од бербата од 2015 година, кое е дел од ексклузивната линија вина „Приватна резерва“ (Привате ресерве), додека сребрен медал освои виното „Ркацители“ од бербата од 2016 година. Престижните награди за квалитет „Стоби“ ги доби во конкуренција на повеќе од 6.700 вина на производители од целиот свет, а одлуката ја донесе меѓународно жири сочинето од висококвалификувани судии – дегустатори, односно енолози, вински аналитичари, трговци со вино, сомелиери и новинари што ја следат светската винска индустрија.
„Вината на „Стоби“ редовно освојуваат високи признанија на најпрестижните светски натпреварувања, на што сме особено горди бидејќи тоа е потврда за врвниот квалитет на нашите вина. Од друга страна, тоа е добат поттик и за извозот на флаширано вино од Македонија на европските и светските пазари, бидејќи потрошувачите добиваат и официјална потврда дека вината од земјава се навистина квалитетни и високо оценети од винските стручњаци.“, изјави Ана Јорданова, сопственичка на винаријата „Стоби“.
Наградените вина на „Стоби“, заедно со другите победници на „Мундус вини“, ќе бидат изложени пред посетителите на големиот вински саем „Провајн“ во Дизелдорф што ќе се одржи во средината на март.