„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење
Дали ви се случило да се разбудите наутро и да се чувствувате дека за работите кои сте уживале да ги правите, едноставно ја немате повеќе истата волја и страст? Или работите на некој проект, но едноставно за да се изразите зборовите не ви доаѓаат така лесно и застанувате во некоја фаза и немате инспирација и идеја – како да продолжите понатаму? Или, пак, не така лесно може да го визуелизирате новиот креативен концепт на којшто работите?
Многу често поимот мотивација се поистоветува со поимот инспирација, но сепак постои разлика помеѓу нив. Мотивацијата доаѓа однадвор и е екстерна сила која нè влече да направиме нешто, на пример, кога ќе добиеме пофалба од некој, унапредување на повисока позиција и слично. Инспирацијата, пак, е страста која доаѓа од внатре, од нас самите, движечката сила која нè поттикнува да направиме значајна животна промена во согласност со нашите вредности и потенцијали, да бидеме подобри, да преземеме иницијатива за нешто ново.
И покрај тоа што се случува да уживаме во правењето на работи кои нè исполнуваат, не секогаш може лесно да добиеме инспирација за да продолжиме понатаму. Најчести причини, поради кои може да ја изгубиме, е кога веќе го немаме истиот интерес за нештата, се плашиме да излеземе од зоната на комфор, имаме притисокот од премногу кратките рокови, работиме на различни проекти во исто време и го губиме фокусот, средината во која работиме нè демотивира итн.
За да извлечете максимум во такви ситуации, ви предлагам неколку идеи – што да направите за да си ја вратите инспирацијата.
- Прифатете ја моменталната ситуација – прифатете дека на секој може да му се случат моменти кога нема инспирација како да продолжи понатаму и идеите ни се во застој. Колку и да се трудиме, сепак, не секогаш сме во можност да генерираме нови идеи.
- Имајте однапред подготвен план на активности – планот со дефинирани активности по фази/чекори за реализација на некој проект ни дава генерална слика за целта која сакаме да ја постигнеме. Затоа, секогаш кога ќе имате инспирација за некој дел од проектот, запишувајте ги сите идеи иако времето за реализација не е дојдено. Тоа ќе ви помогне полесно да ги надминете периодите кога немате инспирација.
- Сменете ја средината – излезете на воздух, прошетајте, читајте книга, гледајте филм, комуницирајте со нови луѓе кои ќе ви помогнат да ја смените перспективата, да ја анализирате ситуацијата од различни аспекти, а инспирацијата и идеите полека ќе почнат да ви доаѓаат.
- Почнете од почеток – многу често, кога ќе работиме на иста работа подолго време, после некое време забораваме на вистинската причина, всушност, зошто сме ја почнале. Во таква ситуација најдобро е да направите пауза и да се запрашате која е вистинската причина (изворот) да започнете нешто, и која е целта што сакате да ја постигнете.
- Ослободете се од притисокот – стремете се кон вашите идеали за совршенство, но не си ставајте дополнителен притисок дека сите работи мора да бидат завршени според вашите високи критериуми. Едноставно некогаш треба да пресечете и да направите толку колку што е побарано од вас.
- Ослободете се од стравот – уживајте во страста и задоволството кои ги имате кога работите нешто. Не се обесхрабрувајте и не се плашете дека ќе погрешите и дека нема сè да биде завршено како што посакувате.
- Дајте си време – направете мала пауза и не правете ништо. Медитирајте. Оставете ги телото и умот да се одморат и идеите полека ќе почнат да ви доаѓаат.
- Користете ја „ако-тогаш“ техниката за планирање – техниката не само што ќе ви помогне побрзо да завршите некоја работа туку ќе ви помогне да дефинирате кога и како да ја завршите. На пример, ако не добијам позитивен одговор за работата, тогаш нема да се откажам и ќе продолжам да барам друга работа која ќе ме исполнува.
И не заборавајте, вашата инспирација може да биде мотивација за некој друг. Со тоа што сте инспирирани да ги правите работи со голема страст, можете да мотивирате некој друг да ги следи вашите постапки.
Со успех во промените,
Жаклина Герасимовска
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг