Под мотото „Од искра до успех“, денес 9 март, петок, во Јавна Соба во Скопје, Фондот за иновации и технолошки развој ја одбележа Европската недела на стартапи – Startup Europe Week 2018
Настанот го сочинуваа три мотивациски говори, на некогашни стартапџии, денес успешни бизнисмени. Др Кочо Анѓушев, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, во својство на сопственик на ЕДС и Брако, Наташа Пешева, коосновач и косопственик на „Ајс Технолоџи“ инаку корисник на средства од Фонд за иновации и Сашо Мацановски – Трендо, основач на веб порталот Офф.нет.
Споделувајќи ја својата професионална приказна др. Кочо Анѓушев се осврна на својот пат, од магистрант во студентски дом, до успешен претприемач. На целиот тој пат константа е ставот дека не сака да е дел од неуспешна приказна и дека не се постигнува успех без да се преземе ризик. Но, страста за работата е она што движи:
„Треба да станувате, легнувате и да сонувате за вашиот бизнис, да бидете упорни и да работите вредно. Само така се постигнува успех. Секако дека ќе направите грешки, кој не згрешил не се бавел со успешен бизнис, но иако претприемништво бара голема жртва, материјалната сигурност нуди голема слобода. Затоа сакам да ве охрабрам да сонувате, и да работите вредно!“
Наташа Пешева од „Ајс Технолоџи“ акцентот го стави на личната желба да се занимава со сопствен бизнис. Откажувајќи се од доброплатеното работно место, таа и нејзиниот сопруг се впуштаат во нешто сосема ново и за нив непознато, бизнисот со изработка на скулптури од мраз.
„Она што ни беше движечка сила во целата оваа приказна беше нашата интуиција дека скулптурите од мраз се правиот пат по кој одиме. Баш како да пронајдовме празна бела страна за развој на бизнис во Македонија,“ истакна г-ѓа Пешева.
Реакции предизвика и третиот говорник со својата лична приказна, Трендо, кој го сподели со публиката чувството дека со години одбегнувал да основа компанија за да не мора да се занимава со администрација и човечки ресурси, но во приказната на „Офф.нет“, како да го нашол клучот, да го работи за пари она што и онака би го работел за без пари.
„По 12 години живот посветен на Он.нет, кога посакав да си го купам ми понудија сума од 250,000 евра што требаше да ги платам за да го добијам она што сум го создал. Од малку инает, и со поттикнат претприемачки дух, го основав Офф.нет“ призна Сашо Мацановски – Трендо.
Startup Europe Week 2018 е меѓународна иницијатива на Европската комисија и европската заедница на стартапи. Оваа година настани од ваков тип се организираат во повеќе од 50 земји, и во 300 различни града, а со овој настан на Фондот за иновации и технолошки развој, Македонија се вклучи во глобалното одбележување.