Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации проценува дека 26% од земјината површина која не е под мраз, се користи за одгледување добиток за исхрана, додека пак 13 милијарда хектари на шума се уништуваат секоја година за да се створат пасишта за овој добиток.
Ричард Бренсон уште мината година најави дека планира да инвестира во стартапот за одржлива храна Memphis Meats и при тоа објасни кое е неговото мислење за исхраната во иднина. Како што пишува Futurism, според Бренсон за 30 години нема повеќе да убиваме животни за храна и сите оброци ќе бидат еколошки или базирани на растенија, со ист вкус, но и многу поздрави. Исто така, според Бренсон, во иднина ќе го сметаме за архаично тоа што нашите предци убивале животни за месо.
Тој е всушност само еден од групата на познати луѓе кои се одлучиле да инвестираат во одржлив систем на исхрана кој нема да биде базиран на убивање животни. Тие го делат ставот дека исхраната базирана на животинско месо е понездрава и неодржлива, а како што се менува планетата, ќе се менуваат и нашите навики.
Според нив, време е веќе да се поддржуваат поинтензивно компаниите кои ја користат технологијата за да ги задоволат гурманските апетити на човекот без при тоа да се посегнува кон убивање на животните. Дел од оваа група на инвеститори се и Бил Гејтс и Кимбал Маск – братот на Илон Маск, кои заедно досега имаат инвестирано околу 17 милиони долари во стартапот Memphis Meats во првата рунда, во која стартапот собра вкупно 22 милиони долари.
Според Институтот WorldWatch, 51% од глобалните емисии на штетни гасови се предизвикани од одгледување животни за исхрана. Овие емисии и штетата која се поврзува со нив, можат да се намалат доколку месото се одгледува во лабораторија наместо да се убиваат животните.
Некои истражувања покажале дека месото добиено во лабораторија можеби е и поздраво за човекот бидејќи не содржи антибиотици, бактерии и хормони за поттикнување на раст, а во 2015 година Меѓународната агенција за истражување на канцер го класифицираше црвеното место и процесираното месо како едни од потенцијалните предизвикувачи на рак кај човекот.
Без разлика на фактот колку човекот ужива во јадењето на месо и колку истото е еволутивно оправдано, производството на животинско месо е неодржливо и е само прашање на време кога ќе се интензивираат барањата на алтернативи.