Словенечката компанија Gorenje добила четири необврзувачки понуди за стратешко партнерство, соопштиле од компанијата, после што вредноста на акциите на Gorenje на Љубљанската берза забележале раст од 12,84%, односно на 5,8 евра.
Како што пренесуваат словенечките медиуми, меѓу потенцијалните партнери се споменуваат водечки азиски производители на бела техника како Mideu, Haier и Hefei Meiling, а како можни заинтересирани се споменуваат и Gree Electric Appliances, TCL Corporation, Sichuan Changhong Electric.
„Земајќи ја предвид доверливоста на потпишаните договори со заинтересираните стратешки партнери, уште не би ги коментирале медиумските проекции за имињата на партнерите.“, стои во официјалната изјава на Gorenje. Додале дека откако ќе биде избран потенцијалниот инвеститор ќе се спроведе длабинска анализа и ќе се објави.
Пред две години, 11% од акциите на Gorenje беа купени од јапонскиот Panasonic, но иако се шпекулираше во јавноста за можно преземање, јапонската компанија на крајот се повлече поради што Gorenje повторно мораше да се впушти во барање партнери.
Инвестициската банка Rothschild & Co. потоа беше именувана како советник на Gorenje во пронаоѓањето партнери и сега се поставува прашање на колкав точно удел би можел идниот стратешки партнер на компанијата да се надева. Освен Panasonic, удел во Gorenje имаат и Finance Corporation кои делуваат во рамки на Светска банка и кои во сопственичката структура на Gorenje влегоа во 2010 година со 11,8% акции. Државата во Gorenje има удел од 16,37%.
Од новиот стратешки партнер се очекува зголемување на опсегот на работа и намалување на цената на суровините за околу 5% што би резултирало со 25 милиони евра заштеда. Од друга страна пак, синдикатот на металната и електричната индустрија најави дека ќе стапат на штрајк доколку Gorenje после новиот договор не го раскине колективниот договор стар 27 години.
Инаку, на крајот на 2017 година Gorenje ги објави финансиските резултати кои покажуваат раст на приходите од продажба за 1,31 милијарда евра или 4,1% повеќе отколку минатата година. Најголем дел или 82,6% доаѓа од продажба на производи за домаќинство. Нето добивката им изнесуваше 1,3 милиони евра, додека релативниот долг пораснал. Компанијата имала околу 11 илјади вработени од кои 6 илјади во Словенија.