Најпопуларната платформа за споделување видео содржини YouTube е една од најактивните во борбата против лажни вести и навредливи содржини на Интернет. Видео сервисот има голем тим на луѓе и бројни компјутерски алгоритми за откривање на несоодветни видеа и автоматски го блокира пристапот до нив, но сепак никој не е сигурен дека нема да наиде на содржина која нема да сака да ја види.
Како што пренесува порталот Marketing365, YouTube, во иднина ќе се „бори“ против дезинформациите така што ќе понуди информации обезбедени од виртуелната енциклопедија Wikipedia. Па така, покрај секој сомнителен видео клип, ќе се појави „официјалната верзија“ на настанот за чија вистинитост гарантира Wikipedia. Информациите ќе бидат овозможени во вид на облаче кое ќе се појави под видеото.
Извршната директорка на YouTube, Сузан Војчички, сподели повеќе информации во врска со новата пракса, наведувајќи дека пред се`иновацијата ќе се појави на видеа кои се однесуваат на поткрепа на т.н. “теории на заговор“ и ќе има за цел да понуди алтернативна информација дури и за теми за кои владеат поделени мислења.
Според YouTube, бројот на видеа кои покажуваат видеа поврзани со слични теми на Интернет се зголемува и во некои случаи надминува стотици илјади прегледи. Интеграцијата на линкот до Wikipedia е само една од алатките, со кои Google ќе се бори по ова прашање.