Bough Bikes се дрвени велосипеди дизајнирани во Холандија, каде што според некои статистики, речиси 25% од патувањата луѓето ги прават со велосипед. Јан Гуневег, дизајнерот на Bough Bikes, претходно изработувал мебел, но тргнал во новата авантура кога сфатил дека топлината на дрвото може да се искористи во секојдневното возење велосипед.
„Навистина ја сакам работата со дрвото и сакам луѓето да ги приближам до природата. Возењето дрвен велосипед директно ве поврзува со природата, дури и кога возите низ урбаните улици во градовите“ вели Јан. Сега неговите ,,кул” велосипеди нудат уникатно искуство.
Пред пет години Јан Гуневег и неговиот пријател Пиет Брандјес почнале да произведуваат и да продаваат дрвени велосипеди преку нивната компанија Bough Bikes. Велосипедите сега се толку популарни што се дел од шемата за споделување велосипеди во бизнис паркот на аеродромот Схипхол во Амстердам, а некои холандски компании како Novotel и Rabobank купиле дрвени велосипеди за нивните вработени и за посетителите. Не е чудо што Холанѓаните го прифатија овој тренд на одржливи дрвени велосипеди затоа што се најголемите велосипедисти во Европа.
Велосипедите се прават од цврсто дрво како даб, орев или јасен од одржливи шуми во Франција, а се отпорни на сончевата светлина и дожд. Креаторите на дрвените велосипеди велат дека овие велосипеди се поодржливи од челичните затоа што се троши многу помалку енергија за преработка на дрвото. Цените на велосипедите Bough Bikes почнуваат од 1.355 евра.
Дрвените велосипеди не се нешто навистина ново затоа што првите велосипеди биле направени од дрво, а професионалните велосипедисти до 80-тите години на минатиот век користеле велосипеди со дрвена рамка. Но, со напредокот на технологијата, дрвените велосипеди може да се произведуваат многу побрзо со помош на компјутерски управувани машини за резбарење.