Брендот ИСКРА&ЛИДИЈА Блупринт со својата работа, сигурно чекори во создавањето на своето место на сцената на дизајн за дом. Годинава повторно со своето учество на манифестацијата Фешн и Лајфстајл во МОБ, во соработка со Талија, ја презентира третата колекција насловена ЗЕБРА.
Дуото Искра Јанковска и Лидија Георгиева, овојпат работеше во амбиент инспириран од топлите пејсажи на Африка. Сонцето и широките суви пространства, саваната со својата палета, колонијалните влијанија, како слики од филм се појавуваа во новите приказни и дизајни.
Користените материјали потсетуваат на она што било директно достапно од природата за племенските заедници, заедно со нивните традиционални техники на боење на платно.
Колекцијата содржи нови отпечатоци, како и рачно везени и плетени дизајни, во светла и топла, сончева гама на бои.